Мислев дека Македонија е биолошко срце на Балканот. Грешев. Експанзионистичките амбиции на соседните држави, околу македонскиот простор не оставаат простор ниту за биологија, ниту за срце. Одумираше и името Македонија. Пополека. Етапно. Од една до друга мировна конференција. Од Сан Стефано до Берлин. Од Берлин до Букурешт. Од Букурешт до Версај.Од АСНОМ до Преспа. Воn распокинатото македонско тело умираше секој ден македонското срце, пулсирајќи во нерамномерниот, уништувачки ритам на агентурските артерии. А без срце немаме чувства. Без чувства ја загубивме душата. Без душа не можеме да имаме вера. Сега веќе ќе немаме ништо, што е поврзано со поимот Македонија!?

EВРОПСКИ ОБЛАЦИ НА МАКЕДОНСКИОТ ХОРИЗОНТ

За дваесет и седум години независно, суверено, самостојно постоење,се до јуни 2018 година, верувавме дека успеавме да го потврдиме заветот на нашите прадедовци- македонскиот хоризонт да биде истовремено небесно син европски хоризонт, позлатен со нашата македонска ѕвезда. Мандолинските струни на нашите срца ѕунеа со европски акорд. За жал, македонската духовна и музичка порака, Европа не можеше да ја разбере.Ниту пак шарените македонски револуционери,коишто се бореа да ја освојат власта, за да служат на нивните соросоидни ментори,без чувство за македонскиот национален интерес.

Во 2001 година,з алудно наивно се радувавме на привидот за избегната непосредна опасност, од етничкиот воен конфликт,уништувачки за нас. Потпишувајќи го Рамковниот договор како поразена страна во конфликтот, се определивме за политичко решение на воена криза, имплантирана од меѓународниот протекторат Косово?! Ги наведнавме главите, во знак на покорност пред европските и светските величини.Наведната глава,сабја не сече!!

Да се живее во Република Македонија, значи да се живее во кафез со четири лава. Секое наше движење ја поместува рамнотежата во кафезот и може да прерасне во трагедија. Ако мислиме дека со покорност и клечење ќе се спасиме, грешиме! Заради анималноста на моменталниот балкански и европски политички инстинкт, не можеме да го реинкарнираме македонското тело, ниту да ги причестиме нашите души. Меѓутоа, можевме да направиме нешто за нашите поколенија- да го спасиме барем образот и честа!

Од историски агол анализирано, целиот балкански ужас е плод на превртливоста на европската политика. Конечно е јасно, Европа не може да најде излез од балканскиот лавиринт. Излезот секогаш бил на штета на Македонија. Како простор. Како народ. Како култура, историја, духовност. Европејците сметаат - "Македонците навикнале да бидат негирани, нема да им биде првпат...Зошто сега да правиме исклучок и да ги налутиме нашите стари пријатели Грците и Бугарите”?! Европскиот кодекс за праведност, нема алтернатива за грчката,бугарската и сопствена хипокризија.

НЕУСПЕШНАТА БОРБА ЗА УСТАВНОТО ИМЕ НА ДРЖАВАТА

Портпаролите на господата Солана, Баросо, Рен, Јункер... најавуваа дека тие безрезервно ги поддржуваа предлозите на господинот Метју Нимиц, да се смени уставното име на Република Македонија. Alea acta est. Македонците треба да го сменат името и точка?! Колку суровост имаше во тие ступидни додавки, придавки, енклитики и проклитики околу Македонија. Суровоста има корени во ужасот, што го предизвикаа грчките "хуманисти” во Егејска Македонија во Првата светска војна, а сето тоа е педантно набележано од господинот Карнеги и неговата комисија. Ако има некој во Европа што сака да чита, нека повели! Суровоста има корени во диктатурата на Метаксас. Има корени и во раселувањето на македонскиот етнос по целиот свет, по Граѓанската војна во Грција. За какви човекови права зборувате почитувани господа, европски великодостојници?!Впрочем,кој ги бомбардираше македонските села со напалм бомби и беше креатор на етничкото чистење на Македонците по род и нивно раселување, по сите европски и светски меридијани и напоредници, во трагичната за нас 1948 година?!

Во таков склоп на околности, нашата борба за името беше однапред осудена на пропаст. Какви шанси има обичниот македонски човек, против европските империјални документи. Слободниот светиКлиментов дух, наспрема догмите на европските железни принципи, фундирани на неправедни мировни конференции. Некое време изгледаше дека неправедните европски принципи ќе се скршат, под налетот на божјата правда и духовната македонска енергија. Но, тоа беше само заблуда и пуста верба, дека европските челници ќе ја почитуваат Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг,во декември 2011 година. Строгите "стандарди” на европската демократија,беа немилосрдни кон европската земја Македонија - земја на првото христијанско веросиповедување и просветлување,земја на првиот Универзитет во Европа,кога континентот беше во целосен средновековен мрак од незнаење и верски војни. Република Македонија со години избегнуваше да се соочи со вистината. Раните од Букурешт не се лечат туку-така. Дури ниту присуството на британската и американска воена мисија на првото заседание на АСНОМ, не можеше да ги зацели тие рани. Не можеа да помогнат ниту одредбите од Атлантската повелба потпишана помеѓу Черчил,Сталин и Рузвелт, преточени во новата Конференциска поделба на светот во Јалта. Република Македонија беше кодирана во регистарот на Обединетите нации, како држава под уставното име (во тој момент – Народна Република Македонија), која е една од шесте федерални југословенски држави. Тое се факти!

ПРИСВОЈУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА И ЦИВИЛИЗАЦИЈА

Оттука е несфатливо европското незнаење,за грчката панeлинска авантура на македонските простори. Неправедно присвојување на сета античка македонска култура и цивилизација. Неправедно посегнување по вековните македонски простори. Почитувани мои европски пријатели, вие и ние добро знаеме дека Грците никогаш пред 1913-та година (пред Букурешт), не ја преминале реката Бистрица (Халијакмон). Дваесет и осум столетија, две илјади и осумтотини години, тој простор бил македонски. Со македонско име, што ја препознава сопствената географија.Сами за себе говорат-топонимите,хидронимите...

Со она што ни го направија Грците,со сесрдна помош на македонските квислинзи затскриени под европската демократска пелерина, според мое длабоко убедување се негира сето културно и историско европско наследство. Уништувањето на името Македонија, значи и неповратна загуба за Европа. Затоа мислам дека децениите што се пред нас, се последната шанса за Европејците да се исповедаат пред Бога, за грешките направени спрема Македонија.Да добијат барем духовна прошка за материјалното злодело-да се промени името на една библиска земја.Зошто?! Заради порастот на европскиот национал-шовинизам,којшто не може да се помири дека македонскиот феникс воскресна и ги негираше сите европски конференции,на коишто се мислеше дека македонското прашање е конечно затворено-Македонија повеќе ја нема?! Во издадената книга "Македонски јазол”, д-р.Ханс Петар Штефан констатира: "Македонското прашање е многу поважно, отколку што можеме и да замислиме... Наместо стотина страници за Македонија, се соочив со историски материјал од сто и педесет тома!??”

Името Македонија е библиско наследство. Вистина што не може да се побие. Кога се побива македонската култура, се побива духовноста на свети Павле од Тарс. Се побива просветителскиот пламен на сесловенските просевтители светите Кирил и Методиј,родени во Солун-централниот град во историско географскиот регион Македонија,уште од 316 година п.н.е. Се побиваат моштите на живиот светец, свети Климент.Конечно,се побива Библијата!!

Денес,повеќе од вчера сум убеден, дека Европа не може да ја разбере нашата духовна енергетска порака. Што сакаме ние!? Сакаме европската христијанска димензија да биде на страната на македонската вера, оти тоа е вера на страдалници и маченици. Вера во човечката добрина и благородност. Сакаме европската чест да биде и наша македонска чест. Сакаме Европејците да си ги почитуваат сопствените зборови,да си ги почитуваат сопствените вредности. Сакаме Европа, конечно, да се соочи со етичкиот суд – зошто е толку неправедна и сурова кон Македонија?!

РАЗГРАДУВАЧКИ БАЛКАНСКИ И ВНАТРЕШНО-МАКЕДОНСКИ СТЕРЕОТИПИ И НЕБУЛОЗИ

Природно е што се плашиме од длабочината на бездната, што се отвора пред нас,употребувајќи го новото име Република Северна Македонија,. Нашата чест бара да не се предаваме. Затоа што почитувани мои пријатели од сите партии, после промената на името, загрозен е нашиот идентитет,јазик,култура,историја.Р.Бугарија веќе ни покажа,колку тешко ќе биде да докажеме дека не сме сверномакедонци,дека не зборуваме северномакедонски јазик?! Тешко се убедуваат Бугарите дека не сме вештачка држава,народ и јазик,којашто е “измислена коминтерновска творба” од 02 август 1944 година,Дека поимот Македонија,етнонимот Македонец,народниот македонски јазик,македонската редакција на црковно-словенскиот јазик е вековна реалност,вековна културна придобивка за европскиот континент.Допрва ќе бидеме сведоци,како Р.Србија ќе го услови томосот за автокефалност на нашата Македонска Православна црква,со бришење на се што има некаква поврзаност со името Македонија,бришење на придавката македонска.Потоа ќе следи и бришење на кодот МКД,па промена на македонските содржини во европските атласи и енциклопедии. Состојбата на албанското малцинство во Македонија еруптираше до тој степен,така што државата ја изгуби граѓанската сидржина и се претвори во би-национална држава.Мистификацијата на Рамковниот договор и етнизацијата во државните институции се сериозна закана,во блиска иднина да воскресне идејата за Илирида-независна територијална и јазична заедница на Албанците во западниот дел од државата?! Пред неколку дена албански министер во Владата изјави дека не бил Македонец,туку Албанец.Тоа е уште еден доказ дека Македонската држава е унитарна само на хартија,така што само по себе се наметнува прашањето за поинаква содржина на Македонскиот Устав!!

ЗАКЛУЧОК

Поради сите погоре наведени причини,убеден сум дека повторно Европа ќе ни даде црвен картон и нема да ни дозволи да отпочнеме преговори, за наше полноправно европско членство?! И притоа не е во прашање само бугарското вето,туку некаква нова европска ујдурма?! Поточно,повторно нова методoлогија за проширување-нов облик на “Европска политичка заедница” за земјите Украина,Грузија и Молдавија.Притоа,како што прилега на европската дволичност и високомерност,не се објаснува што ќе се случува со земјите-кандидати за европско членство од Западен Балкан.

Почитувани актуелни политичари,оставете го сега политичкото надмудрување. Политичари од СДСМ, појдете кај европските социјалдемократи. Молете, убедувајте, заканувајте се. Кога е во прашање опстанокот на честа на Македонците, се е дозволено! Политичари од либералните и зелени партии, лобирајте кај европските либерали и зелените. Во прашање сме сите ние! Членови на сите народни партии и партии со префикс ВМРО, покорно клекнете пред европските народни и демохристијански партии. Ценети пријатели од партиите на сите етнички заедници во Македонија - помогнете! Нема прошка за сите нас,ако се избрише се, што има некаква врска со поимот Македонија,. Нема што повеќе да чекаме. Македонија е се, наша судбина, наша историја, наша иднина. Ако го загубиме македонското во секој од нас, сме загубиле се!

Автор: Марјан Ѓорчев



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2022 07:21