Во Галерија МКЦ вечерва ќе биде отворена прваата самостојна изложба „Несоница за двајца“ на Славко Круниќ, ликовен уметник од Белград.

– Дека неговата природа е номадска, на Славко Круниќ му било јасно уште додека бил дете. За жал, поради различни надворешни околности не успевал да воспостави рамнотежа помеѓу скитничките апетити и можноста за патување. Меѓутоа, проблемот го решил брзо. Море, за час! Додека плеснал со дланките! Ја земал четката, го затегнал платното и почнал да ги слика пределите и луѓето што ги сретнувал на своите патувања. Се разбира, не сите патувања биле баш потполно реални. Се вмешале тука и соништата. Со некои сопатници едноставно не можел да престане да се дружи и да се сретнува во најнеобични прилики. Се испоставило дека сликарските скитања на Круниќ не подразбирале само географски поместувања, туку и движење низ времето: во рикверц и напред. И во моментот кога сфатил дека природата на бајката суштниски е номадска, баш како што е и неговата лична (затоа што лесно го премостува и просторот и времето, а посебно општествените класи), забележал уште нешто што посебно му го привлекло вниманието. За време на неговите изложби, некои луѓе се задржувале пред сликите мрморејќи си себе во брадата. Кога ги прашал дали можеби си зборуваат со замислени пријатели, сите одговориле одречно. Напротив! Тврделе дека ја слушаат приказната што им ја раскажуваат сликите. Славко Круниќ ги замолил и нему да му ја откријат содржината на тие приказни и да се запознаат, потенцираат од МКЦ во најавата за изложбата.

Славко Круниќ е роден во 1974 година во Белград. Живее и работи на релација Нови Сад – Белград. Студирал сликарство во класата на професорот Радомир Рељиќ на Факултетот за ликовни уметности во Белград. Магистрира во класата на професорката Анѓелка Бојовиќ. Од 2000 година е член на Здружението на ликовни уметници на Србија (УЛУС), а од 2011 и на Здружението на ликовни уметници на применета уметност и дизјанери на Србија (УЛУПУДС).

Изложувал на 35 самостојни и групни изложби во својата земја и во странство. Неговите илустрации, исто така го најдоа својот пат до бројни книги и списанија. Плаштот на долго сонуваниот сон на Славко Круниќ претставува почетокот на соработката со Политикин Забавник. Како најголемо признание ги доживува илустрациите за омотите на објавените албуми на своите бендови.

Во рамки на изложбата ќе се одржи и концерт на групата Deep Steady.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2022 09:19