Здружението ХАЕ Македонија денеска во Ист Гејт Мол во Скопје организира настан со кој ќе го одбележи 16 мај – Светски ден на ретката болест хередитарен ангиоедем (ХАЕ) под мотото „Многу лица, едно семејство“. Настанот ќе опфати „flash mob”, поточно настапи на танчери од танц студиото Еурека.

На настанот, како што информираат од Здружението, за најмладите ќе се дели и боенка „Реткото момче и зборливото балонче“, чиј автор е Наташа Анѓелеска.

Инаку, хередитарниот ангиоедем е ретка болест, што се манифестира со отекување на делови на телото. Болеста се карактеризира со спонтани и повторливи појави на отоци на кожата, слузокожата, дишните патишта и внатрешните органи.

Посебно е сериозна ситуацијата кога отоците ќе се појават на локација каде го оневозможуваат дишењето и поради тоа оваа состојба се карактеризира со висока стапка на смртност од дури 30 отсто, посочуваат од Здружението.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2022 09:24