Македонија ќе го преземе претседавањето со ОБСЕ во најпредизвикувачки момент со кој се соочува организацијата во поновата историја. Всушност, мислам дека треба да се вратиме назад во времето на распадот на Југославија и конфликтите поврзани со тоа кои го распарчија регионот за да можеме да најдеме криза којашто би можела да се спореди со таа со којашто се соочуваме денеска со војната во Украина и тензиите Исток-Запад кои се доведени до точка на вриење, вели во интервју за МИА Азај Гулијев, потпретседател на Парламентарното Собрание на ОБСЕ и специјален претставник за Југоисточна Европа.

Гулијев неодамна беше во посета на Скопје, имаше средби со претставници на државниот врз, со лидери на политички партии, а земјава ја посети во екот на подготовките на претстојното претседавање со ОБСЕ, кое стартува следната година.

Во интервјуто за МИА вели дека за да биде успешно претседавањето со ОБСЕ во 2023, Македонија ќе мора да најде начин и да ги постави приоритетите кои ќе вклучуваат остварливи цели во сите три димензии на безбедноста.

-Тоа значи поставување на цели во политичко-воената димензија, како и за економско-еколошката и човековата димензија и фокусирање на испорачување на некои успешни приказни кои ќе ги потврдат вредностите на ОБСЕ и трајната релевантност на мултилатерализмот, нагласи Гулијев.

Во врска со актуелните случувања во светот, како војната во Украина и можноста да се прелее во други региони, тој вели дека оваа војна нè потсетува дека е потребна постојана будност со цел да се спречи прелевање на тензиите во насилство и дека нерешените прашања мора да се решат, подобро порано отколку подоцна.

-Секогаш постои итност која не смееме да ја заборавиме. Тоа се однесува и на лидерите на Југоисточна Европа и на официјалните претставници на ЕУ во Брисел. Мора да го придвижиме процесот напред и да признаеме дека неактивноста е рецепт за катастрофа, истакна Гулијев.

Се осврна и на евроинтегративниот процес на земјава, нагласувајќи претставниците на ЕУ потенцираат дека блокот треба да продолжи со процесот на проширување и напредокот на Македонија треба да се препознае.

-Скопје направи значителен напредок кон исполнување на Копенхашките критериуми, вклучително и преку градењето на демократските институции и промовирањето на владеењето на правото, како и преку работата на зајакнувањето на антикорупциските механизми, вели Гулијев, но потсетува на правилото на едногласно носење одлуки во Унијата за почеток на преговорите.

За спорот со Бугарија и бугарското вето за старт на преговорите, вели дека ПС на ОБСЕ верува дека дијалогот е најдобар начин за решавање на споровите, особено дијалогот меѓу земјите соседи, кој треба постојано да биде отворен.

-Се надевам дека ќе имам шанса да разговарам за ова прашање со моите соговорници за време на мојата посета во Бугарија во јуни, со цел подобро да ја разберам ситуацијата на терен, нагласи Гулијев.

Во интервјуто тој говори и за прекинот на испорака на руски гас за одредени земји, новите алтернативи, енергетската криза, обвинувањата на Русија дека ОБСЕ шпионира во корист на Киев.

Во продолжение следува целото интервју со Азај Гулијев, потпретседател на Парламентарното Собрание на ОБСЕ и специјален претставник за Југоисточна Европа:

Господине Гулијев неодамна бевте во посета на Македонија, посетата ја реализиравте во многу чувствителен период – војна во Украина, економска криза, пандемија. Која беше целта на вашата посета, со кого се сретнавте и кои беа главните пораки од средбите?

Се сретнав со претседателот Стево Пендаровски и со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како и со Талат Џафери, претседателот на Собранието на Република Македонија, со Христијан Мицкоски претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Биљал Касами, претседателот на политичката партија Движење БЕСА, Зијадин Села, претседателот на партијата Алијанса за Албанците и делегацијата на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ.

Целта на посетата, најпрво беше во насока на запознавање со домашните и регионалните случувања, вклучително за напорите за напредок во процесот на пристапување кон ЕУ, и да ја пренесам целосната поддршка на Собранието во врска со претседавањето на Македонија со ОБСЕ во 2023 година. Иницијативите за регионална соработка беа една од главните теми во разговорите, како и билатералните односи на Македонија со нејзините соседи.

Исто така ја пренесов поддршката на Парламентарното собрание на ОБСЕ за присуството на ОБСЕ во регионот, преку персоналот во Мисијата во Скопје кој, е многу способен и кој редовно дава стручни совети во развојот на демократските институции и промовирањето на владеењето на правото.

Македонија е дел од триото претседавачи на ОБСЕ или познато како ОБСЕ Тројка и официјално ќе го започне претседавањето следната година. Земјата е формално обврзана да ги претстави приоритетите на нејзиното претседавање овој месец. Кој беше вашиот совет до надлежните во земјава во врска со претстојното претседавање со најголемата регионална организација за безбедност која вклучува 57 земји учеснички, вклучително и 11 Медитерански и Азиските партнери?

Македонија ќе го преземе претседавањето со ОБСЕ во најпредизвикувачки момент со кој се соочува организацијата во поновата историја. Всушност, мислам дека треба да се вратиме назад во времето на распадот на Југославија и конфликтите поврзани со тоа кои го распарчија регионот за да можеме да најдеме криза којашто би можела да се спореди со таа со којашто се соочуваме денеска со војната во Украина и тензиите Исток-Запад кои се доведени до точка на вриење.

Имајќи го ова на ум, верувам дека мирното решавање на конфликтот во Украина мора да биде на врвот на агендата. Не би сакал да бидам јас тој кој ќе му кажува на Скопје како да ги оствари своите цели на претседавањето со ОБСЕ во 2023, но мора да признаеме дека ова се исклучителни времиња и дека иднината на организацијата зависи од враќањето на мирот во Украина, почитувањето на принципите на Завршниот документ од Хелсинки и Париската повелба, особено оние што се поврзани со територијалниот интегритет, суверенитет и неповредливоста на меѓународно признатите граници на земјите учеснички и исто така да се работи на поправање на односите и обнова на довербата. Ова вклучува разгледување на безбедносните грижи на сите земји учеснички во ОБСЕ и работа кон градење на европската безбедносна архитектура која ни служи на сите нас.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, војната во Украина – иако се разбира е доминантно прашање со кое се соочува ОБСЕ во моментов – е истовремено само еден од многубројните предизвици. Мислам дека за да биде успешно претседавањето со ОБСЕ во 2023, Македонија ќе мора да најде начин и да ги постави приоритетите кои ќе вклучуваат остварливи цели во сите три димензии на безбедноста. Тоа значи поставување на цели во политичко-воената димензија, како и за економско-еколошката и човековата димензија, и фокусирање на испорачување на некои успешни приказни кои ќе ги потврдат вредностите на ОБСЕ и трајната релевантност на мултилатерализмот. Вреди да се спомене дека Македонија е наградена од земјите учеснички во ОБСЕ со оваа многу важна меѓународна улога поради напредокот што го постигна.

Ја споменавте војната во Украина. Руската инвазија не престанува, имаше обиди за дијалог, но сè уште нема решение. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски неодамна изјави дека невозможно е да се предвиди кога ќе заврши војната. Како висок функционер на ОБСЕ, кое е вашето мислење за случувањата во Украина?

Како специјален претставник за Југоисточна Европа ова прашање не е во мој мандат, но секако како потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ и уште повеќе како човек, вознемирен сум од вестите што доаѓаат од Украина на дневна основа. Насилството и уништувањето мора да престанат и ова значи дека мора да се направат сите напори за да се олесни дипломатското решение. ОБСЕ и неговото Парламентарно собрание се подготвени да играат улога во олеснувањето на дијалогот и да дадат помош за спроведување на прекинот на огнот, но тоа целосно зависи од политичката волја на земјите учеснички во ОБСЕ.

Колку е реално да се случи префрлување на конфликтот во други делови на Европа? Министерството за надворешни работи на Русија неодамна изјави дека Москва сака да го избегне украинското сценарио и да интервенира во самопрогласениот молдавски регион Придњестровје. Се разбира, мора да се има предвид и развојот на настаните во Западен Балкан поради нерешените прашања, и тоа дека некои од земјите долго време чекаат во чекалницата на ЕУ?

Западен Балкан имаше доволно конфликти и многу добро ја знае болката што доаѓа со нив и имајќи го тоа предвид јас се надевам дека луѓето од овој регион ќе сфатат дека единствен начин за напредок е преку дипломатијата и дијалогот.

Она на што нè потсетува војната во Украина е дека е потребна постојана будност со цел да се спречи прелевање на тензиите во насилство и дека нерешените прашања мора да се решат подобро порано отколку подоцна – не можеме да го одолговлекуваме решавањето на нашите проблеми, не можеме да чекаме за да ги решиме нашите разлики. Секогаш постои итност која не смееме да ја заборавиме. Тоа се однесува и на лидерите на Југоисточна Европа и на официјалните претставници на ЕУ во Брисел. Мора да го придвижиме процесот напред и да признаеме дека неактивноста е рецепт за катастрофа.

Војната во Украина резултираше со забрзување на евроинтегративниот процес на земјата, односно можноста за добивање на кандидатски статус, кој Македонија го има уште од 2005 година, но сè уште нема започнато преговори за членство. Дали војната може да ја забрза интеграцијата на Македонија и Албанија во ЕУ?

На состаноците во Скопје научив многу за развојот на аспирациите на Македонија кон ЕУ и очекувањата за претстојната одлука на Советот на ЕУ за тоа дали ќе му дозволи на Скопје да ги започне пристапните преговори. Ова се разбира се исклучителни предизвици коишто треба да се решат и верувам дека со тоа Македонија ќе покаже дека е посветена на европската интеграција и дека е подготвена да оди на тој долг пат напред што ќе ги намали фрустрациите меѓу населението.

Интеграцијата во ЕУ стана безбедносно прашање. Сепак, патот на Македонија е блокиран поради билатерален спор поврзан со минатото. Бугарија не се откажува од ветото и покрај тоа што има војна во Европа којашто е блиску до нашиот регион. Процесот на интеграција во Унијата станува сè позаплеткан, особено кога на маса се историски прашања. Каков е вашиот став за ситуацијата, како може таа да се надмине?

Интеграцијата во Европската Унија е навистина предизвик во овој момент, но како што истакнуваат претставниците на ЕУ, блокот треба да продолжи со процесот на проширување и напредокот на Македонија треба да се препознае. Скопје направи значителен напредок кон исполнување на Копенхашките критериуми, вклучително и преку градењето на демократските институции и промовирањето на владеењето на правото, како и преку работата на зајакнувањето на антикорупциските механизми.

Но, се разбира, правилата на ЕУ се правила на ЕУ и потребна е едногласност за почеток на преговорите. На крајот, се надевам дека сите земји членки на ЕУ ќе ја препознаат вредноста на стремежот за интеграција во ЕУ и дека е во нејзин интерес, како и во интерес на Скопје, да се ревитализира и зајакне ЕУ. ПС на ОБСЕ верува дека дијалогот е најдобар начин за решавање на споровите, особено дијалогот меѓу земјите соседи кој треба постојано да биде отворен. Се надевам дека ќе имам шанса да разговарам за ова прашање со моите соговорници за време на мојата посета во Бугарија во јуни, со цел подобро да ја разберам ситуацијата на терен.

САД и ЕУ воведоа сет на санкции кон Русија. Од друга страна, Москва ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија. Како ова ќе се одрази на енергетската бе збедност на Европа, особено на Западен Балкан?

Енергетската безбедност е прашање што нè засега сите и нешто на коешто треба да му се пристапи од мултидимензионална перспектива. Со цел да се обезбеди стабилен пристап до енергетските извори, важно е сите наши земји – вклучително и тие од Западен Балкан – да го следат пристапот кој ќе го вклучи целото општество преку вклучување на производителите, потрошувачите, граѓанското општество и меѓународната заедница. Работејќи на поттикнување на јавно-приватна соработка, ние мора да се стремиме да ги заштитиме енергетските мрежи и да развиваме зелени технологии, како и да ја промовираме дигитализацијата, за да обезбедиме поодржлив систем за производство на енергија во регионот на ОБСЕ. Овој сеопфатен пристап не само што ќе послужи за диверзификација на изворите на енергија и ќе ја намали зависноста од кој било конкретен извор, но истовремено ќе го ублажи ризикот и ќе го намали еколошкиот отпечаток од активностите поврзани со енергијата, ќе промовира економски раст и ќе обезбеди политичка стабилност и просперитет.

Русија стави вето на продолжувањето на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Украина, која беше присутна таму од 2014 година и, како што рекоа многумина, одигра клучна улога од почетокот на конфликтот меѓу украинските власти и сепаратистите поддржани од Русија на истокот на Украина по анексијата на Крим. Неколку членови на набљудувачката мисија на ОБСЕ беа уапсени во источна Украина минатиот месец. Кои се најновите информации поврзани со ова?

Немам дополнителни информации за ова освен она што е објавено во медиумите.

Русија отворено го обвини ОБСЕ за шпионирање за Киев и прикривање на украинските воени злосторства. Кој е вашиот коментар?

За време на осум години конфликт во источна Украина, набљудувачите на ОБСЕ спроведуваа секојдневни операции во опасни услови со единствена цел да обезбедат непристрасни информации за меѓународната заедница. Специјалната мониторинг мисија изврши околу 18.000 патроли и издаваше речиси 2.500 дневни извештаи и за жал голем број набљудувачи на СММ ги загубија животите и претрпеа други тешкотии при извршувањето на оваа работа. Немам ништо друго освен восхит и почит за работата на овие храбри поединци кои помогнаа да им се овозможи на креаторите на политики, како што сум јас, да донесат информирани одлуки засновани на јасно разбирање на реалноста на теренот.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2022 09:43