Самостојна ликовна изложба од Кристина Зимбакова насловена „Самогласки во лет“ денеска ќе биде отворена во Универзитетот „Аристотел“ во Солун, Грција. Ликовната изложба се одржува во рамките на меѓународниот Симпозиум „Силвија Плат и трансатлантицизмот“ и ја сочинуваат слики поттикнати од творештвото и писмата на Плат – клучна американска поетеса на дваесеттиот век.

Делата се создадени во последниве години, во комбинирана техника на платно и на хартија од габи рачно изработена од авторката. Куратор на поставката и организатор на настанот е проф. Емили Вандајн од САД, која е Фулбрајт гостувачки професор на Универзитетот „Аристотел“.

Во творештвото на Кристина Зимбакова се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки. Делата се симболични и фигуративни, а габите и лишаите се најкарактеристичен медиум. Изложувала во земјава, Европа и во САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/05/2022 09:07