Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Торино учествуваше на 132-та министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа, на која се изврши и примопредавање на претседателството со Комитетот од Италија на Ирска за следниот шест-месечен период.

Фокусот на дискусиите на министрите, како што соопшти Министерството, беше насочен кон последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина, што меѓу другото доведе и до исклучување на Руската Федерација од Организацијата во март оваа година. Во тој контекст, биле разменети мислења и во однос на улогата и следните чекори и приоритети на Советот на Европа.

Министерот Османи во своето обраќање нагласи дека Македонија, од самиот почеток на воената агресија, се приклучи кон изјавите, иницијативите и мерките преземени во рамки на мултилатералните форуми за нејзина осуда, вклучувајќи ги и санкциите на ЕУ. Исто така, ја истакна потребата Советот на Европа да продолжи со активна помош на Украина и солидарност со нејзините граѓани, имајќи го предвид мандатот, но и акумулираната експертиза во доменот на човековите права, демократијата и владеење на правото.

Османи оцени дека сега е моментот на уште позајакнат мултилатерализам заснован на вредности и правила, како и синергија со другите меѓународни организации.

– Kако иден претседавач со ОБСЕ посветен сум на тесна соработка со Советот на Европа за сите прашања од заеднички интерес и за изградба на иднина на мир, безбедност и кохезија во Европа заснована на заеднички вредности, рече Османи.

На маргините од министерската сесија, Османи реализираше билатералнa средбa сo генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ. Дискутираа повеќе актуелни теми, вклучително и за иднината на СЕ, како и за пошироките импликации на воената агресија од хуманитарен, безбедносен, геополитички и економски аспект врз Европа.

– Тие разговараа и за статусот и очекувањата во однос на ЕУ интегративното досие на Македонија и, во тој контекст, потребата од позасилена регионална динамика. Македонија и Советот на Европа остануваат партнери во зачувувањето на европските вредности на патот кон полноправното членство во ЕУ. На крај, министерот Османи ја запозна соговорничката и со текот на подготовките за претстојното претседавање на Македонија со ОБСЕ во 2023, се вели во соопштението од МНР.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/05/2022 13:59