Вештачката интелигенција со забрзано темо ја зафаќа речиси секоја индустрија и секоја сфера во човечкото општество. Вештачката интелигенција веќе делува како главен двигател на новите технологии, а предвидувањата се дека ќе продолжи да дејствува како технолошки иноватор во иднина. За тоа колку владите се свесни за значењето на вештачката интелигенција, за ризиците од заостанување во оваа област, како и за тоа дали продуцираме квалификуван кадар, МИА разговараше со директорот и коосновач на Глобалниот институт за етика на вештачката интелигенција Ацо Момчиловиќ.

Како директор и коосновач на Глобалниот институт за етика на вештачката интелигенција може ли да ни кажете нешто повеќе за Институтот, и кој беше поттикот за неговото основање?

– Глобалниот институт за етика е формиран пред една година во Париз. Го основав со мојот партнер што таму живее и работи, кој е да речеме филозоф за етика. Ние се занимаваме со разни аспекти на вештачка интелигенција. Можеби најглавната работа на која сме фокусирани е тој моментален недостиг на мултикултуралност при размислувањето околу етиката во вештачката интелигенција. Во овој момент во светот вештачката интелигенција се развива во околу десет – единаесет земји. Ако ја исклучиме Кина, која е доста специфична, сите останати земји се од западниот свет. Така што, некој филозофски пристап во развој на вештачката интелигенција е западноцентричен. И она на што ние предупредуваме и сакаме да освестиме, во краен случај да едуцираме, е тоа дека на светско ниво постојат различни системи, некакви норми, етики, кои мора да бидат земени предвид при креирањето такви важни системи, како што е вештачката интелигенција.

Од истата причина го креиравме Институтот, собравме членови во Извршниот и Советодавниот одбор на Институтот во Извршниот одбор, мислам дека имаме околу дваесет земји од целиот свет, членови што се занимаваат со прашања поврзани со вештачката интелигенција и етика и кои можеме да ги повикаме кога имаме некој наш проект, кога ќе напишеме некој напис, некое истражување и слично.

Технологијата за вештачка интелигенција има голем потенцијал, но колку владите се свесни за тоа и која е нивната улога во овој дел?

– Мислам дека е многу важно добро да се процени колкав е потенцијалниот впечаток за вештачката интелигенција. Не се сложуваат сите со тоа, но она што е можно да се случи и што лично верувам дека ќе се случи, а тоа е дека вештачката интелигенција ќе биде нешто што се нарекува технологија за општа намена. Значи, ние досега во историјата на човештвото сме имале неколку такви технологии за општа намена како парниот систем, електричната енергија и интернетот. Тоа се некои технологии што го трансформирале целиот свет, бизнисот и приватниот дел.

Вештачката интелигенција е на пат да стане уште една технологија за општа намена и со тоа нејзината важност е многу голема. Ако тоа биде така, што не е сѐ уште сигурно, но може да се случи, тоа нѐ води и до друг дел на ова прашање, колку се нашите земји, владите, луѓето што се одговорни, луѓето што донесуваат различни одлуки, колку се свесни. Јас би кажал дека не се свесни премногу, т. е. имаме податоци што ни покажуваат дека во повеќето земји во светот, што потврдуваат дека со тоа не се занимаваат сериозно. Токму пред некој ден покажував еден графикон, а во кој се истакнати земји што имаат донесено некаква национална стратегија. Видливо е дека повеќето земји немаат донесено национална стратегија за вештачка интелигенција, значи воопшто активно не се занимаваат со таа тема. Што треба да се направи, каде ќе се насочиме. Имаме неколку кластери во светот, како САД, Европа со неколку земји што нешто работат и ние што ги следиме, се разбира Кина, и некои поединечни исклучоци како Израел. Голем број земји сѐ уште не се ни близу да биде на ниво на внимание за оваа важна тема. Колку што имам информации, ниту една земја на Балканот или во Источна Европа нема развиена стратегија или воопшто нема развиена национална стратегија. Ние знаеме да донесеме некои документи, да најдеме нешто што е напишано, имаме некоја визија, стратегија каде сакаме да бидеме. Една работа е нешто да се донесе, и тоа не е лошо треба со нешто да се почне, но сосем друга работа е извршувањето. Така што мислам дека пред сите нас претстои многу голема работа.

На Самитот го отворивте прашањето за свесноста на земјите, за ризиците за заостанување во развојот на технологијата и вештачката интелигенција. Колку регионот и земјава се свесни за ваквите ризици?

– Можам дури донекаде и да го генерализирам мојот одговор, ние не се разликуваме од сите останати земји во светот што ни се слични по големина и по пристапот на кои им недостига некоја проактивна стратегија, решавање на тој проблем. Значи, одговорот е едноставен и донекаде разочарувачки, не се свесни за ризикот. Воопшто за тоа не размислуваат, не се свесни дека постојат ризици. Се разбира, нема многу истражувања што директно одговараат на тоа прашање. Јас се надевам дека ќе изработам за некоја година истражување на таа тема, но имаме многу интересни написи од фирми, кои ни даваат директни или индиректни одговори. Она што е проблем е дека ние мислиме од досегашното искуство дека што сите земји имаат корист од досегашните технологии, дека така ќе биде и во иднина. Значи, ако се открие интернет, сите денеска имаат корист од интернетот, поголем или помал без разлика.

Претпоставуваме дека тоа ќе се случи со вештачката интелигенција, но и не мора. Она што покажа едно истражување, кое го споменав и денеска, откриено е дека, мереле некој предвиден готовински тек. Значи, земјите што ја развиваат вештачката интелигенција, набљудувајќи го нивниот готовински тек, тие ќе имаат некоја корист, тие што го измериле и рекле тоа се некои 122 процентни поени, но станува збор за околу десет земји. Потоа ги имаме земјите што се, да ги наречеме, „задоцнети посвојувачи“, тие веќе ќе имаат 32 поени некаква корист, значи четири пати помалку. Потоа ги имаме овие третите, тоа се земји што заостануваат, кои се преку 100 земји што не само што ќе имаат мала корист, туку ќе бидат во минус, и тоа е еден ризик, кој јас мислам дека голем дел од луѓето и голем дел од водачите на земјите воопшто не се свесни, не дека само нема да имаме некаква корист, туку само разликите кои се постоечки ќе бидат уште поголеми, не знаеме само за колку. Значи, разликите кои се сега пет или десет пати поголеми, можат да станат сто или илјада пати поголеми.

Може ли да ни кажете која е улогата на образованието кога станува збор за вештачката интеигенција?

Прашањето за образование може да се каже дека е централно. Она што е јасно е дека ние во регионот, колку што имам впечаток, е дека создаваме солидно добри кадри. Имаме релативно добро образование, сѐ уште, може да биде уште подобро. Наш проблем е, за жал, дека немаме многу луѓе. Ние не можеме да создадеме 10 илјади или 100 илјади инженери. Така што мора да најдеме некој начин, мораме паметно да одбереме и да одлучиме да направиме максимум со она што го имаме. Значи, нема голем простор за расфрлање, а од друга страна, она што би било идеално е да најдеме начин како да привлечеме луѓе од другите делови од светот да дојдат кај нас. Значи, тоа е пракса што ја користат најпрогресивните земји во светот. Значи, САД со години, со децении ги „купуваат“ најдобрите и најпаметните студенти од целиот свет. Дури и во овој момент скоро 30 отсто од нивниот кадар од областа на вештачката интелигенција доаѓаат од Кина, одат таму да се школуваат, и повеќето од нив остануваат. Тоа е нешто што со стратегија, нешто што е поврзано со државата и некакви, да речеме, долгорочни планови, било потребно и кај нас. Значи, да се позиционираш како некаква земја во која е убаво да се живее, сигурно, образованието е добро, и не е скапо. Значи, тука може многу да се направи. Но, повторно ќе кажам дека за тоа е потребен системски пристап.

Го споменавте човечкиот капитал како клучен за развојот. Како стоиме на тој план? Продуцираме ли квалификуван кадар што ќе биде носител на забрзаната дигитализација и имате ли соработка со наши кадри во областа?

– Колку што знам постои одредена прекугранична соработка меѓу Хрватска и Македонија. Знам дека одреден број професионалци од Македонија си заминале од земјата и некои од нив се преселиле во Хрватска. Токму за тоа денеска разговарав со колеги, кои се пожалија дека некои вработени заминале во хрватски фирми, на што можам да одговорам само, во ред ако тие сакаат да си заминат, вие најверојатно не можете да ги задржите толку лесно сега. Многу е подобро да дојдат во Хрватска отколку да одат во Германија, Англија или подалеку, затоа што ќе бидат поблиску до дома, поголема е шансата да се вратат и почесто ќе може да се враќаат барем повремено назад. Така што, мислам дека постои и всушност дека нашата иднина зависи од поголема соработка, во смисла некаква размена, едукација на луѓе, но и размена на податоци, затоа што секоја наша мала земја поединечно нема ниту близу доволно база на податоци што може да ги користи за некои големи проекти како што, на пример, имаат некои светски глобални корпорации.

Јас мислам дека е многу важно, во следните години можеби тоа биде многу повеќе важно, а тоа е да се донесат правилни одлуки, да се направат некои паметни избори и да се види кои се тие подрачја со кои можеме да се бориме со светот. Можеби тој одговор е во некоја паметна специјализација, да ги избереме оние преку кои ќе можеме да направиме нешто што ќе биде на највисоко глобално ниво.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2022 09:51