Два научни собира и работилница на манастирот Трескавец организира деновиве Институтот за старословенска култура од Прилеп. Утре, на 26 мај, 20-тина научници од земјава ќе говорат на тема „Методологија на научноистражувачката работа користена при истражувањето на културното наследство во нашава држава“, а в петок, 27 мај, е научниот собир кој ќе ја третира темата на „Сеопфатна заштита на материјалното културно наследство засновано врз мултидисциплинарни научни сознанија“. В сабота, 27 мај, во манастирот Трескавец ќе се одржи работилница за проблемите со кои се соочуваат истражувачите при заштитата на културното наследство.

Како што објасни денеска на прес-конференцијата Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура кој е организатор на научните собири поддржани од Министерствата за образование и наука и за култура, како археолошко и културно наследство, манастирот е вистински пример за истражувачите.

-Научните сознанија се исклучени или минимално се користени при постапките на стручнатас заштита, конзервацијата и ревитализацијата на културните добра и сметаме дека како научна институција мора да ги апострофираме научните сознанија. Имаме евидентни пропусти во правната, законската заштита на културното наследство, а недостасува и сосодветна финансиска поддршка на научно-истражувачката работа. Работилницата на манастирот Трескавец е повеќе тркалезна маса на која сите чинители ќе може да ги истакнат сите проблеми, аспекти и конструктивни приоди за решавањето на проблемите. Тие може соодветно да се илустрираат на културниот комплекс Трескавец, изјави Ристески.

На двата научни собири ќе учествуваат преку 30 еминентни научници од земјава.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2022 13:26