Претседателот Стево Пендаровски денеска во Давос оствари кратки средби со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис, со директорот на француската генерална дирекција за надворешна безбедност (ДГСЕ), Бернар Емие и со претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.

-Претседателот Пендаровски и грчкиот премиер Мицотакис изразија подготвеност за натамошно унапредување на билатералните односи. Соговорниците разменија мислења и за перспективите на Македонија во однос на евроинтеграциските процеси и актуелните предизвици со кои се соочува регионот од безбедносен и економски аспект, соопшти кабинетот на претседателот.

На средбата со Бернар Емие, како што е наведено во соопштението, биле разменети мислења за руската воена агресија во Украина, актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа, како и за перспективите за членство на земјите од регионот во Европската Унија. Со оглед на актуелните безбедносни предизвици и потенцијални ризици, претседателот Пендаровски ја нотирал важноста од интензивирање на соработката меѓу безбедносните агенции на земјите-членки на НАТО.

Во разговорот со Кристин Лагард, биле разменети мислења за глобалните економски текови и мерките кои се преземаат со цел ублажување на финансиските последици од војната во Украина. Во таа насока било разговарано за ефектите на монетарната политика на ЕЦБ врз македонската економија и економиите во нашиот регион.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2022 15:21