Во просториите на Сојузот на националните инвалидски организации-Даре Џамбаз во Скопје денеска се одржа консултативна средба со сите релевантни чинители кои се засегнати со процесот на развојот на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост на Северна Македонија.

На средбата присуствуваа претставници од кабинетот на претседателот на Владата, членови на НКТ за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Агенциите на ОН во земјата, Националните инвалидски организации, претставници на Канцеларијата на Народниот правобранител, граѓанските организации, родителските заедници и лица со попреченост.

Оваа стратегија е дел од владината програма за 2022 година, а носител е Министерството за труд и социјална политика со техничка поддршка на Германската развојна агенција.

– Во консултативните процеси беа земени предвид мислењата на сите учесници каде што секој го даде својот придонес. Развојот на документот ќе биде согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост, информираат од МТСП.

Од Министерството додаваат дека присутните соговорници постигнаа консензус дека развојот на Националната стратегија е од голема важност за лицата со попреченост, унапредување на нивните права и вклучување во општество на еднаква основа со другите.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/05/2022 02:20