Производители на компир од селата Иловица и Штука денеска излегоа на протест заради падот на откупните цени на оваа градинарска култура, која од досегашните 30 падна на 25 денари.

Според нив, откупувачите одеднаш ја намалиле откупната цена, која за нив е неисплатлива.

– Вчера компирот се откупуваше за 30 денари, односно откупувачот ни дава гајби за берење по цена од 30 денари, а кога ќе го донесеме на пунктот цената е 25 денари. Сметаме дека се уште е рано компирот да се откупува по толку ниска цена, која за нас воопшти не е исплатлива, бидејќи цените на репроматеријалите се драстично покачени и фактички цената кон нас е 15 денари за килограм, велат револтираните земјоделци.

Додаваат дека на други откупни пунктови компирот се откупува за 30 денари, додека само кај нив откупот е 25 денари.

Откупувачот се правда дека цената ја одредува пазарот.

– Во овој период се зголеми производството, а има компир и во соседните држави и затоа нашиот компир не е конкурентен по цена од 30 денари. Не можеме да се бориме со конкуренцијата, рече откупувачот Дончо Јанев.

Производителите се заканија дека ќе го блокираат откупниот пункт во нивното село во наредните денови со механизација се додека не ја добијат посакуваната откупна цена од 30 денари за килограм.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2022 16:09