Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Косово вели дека Вашингтон ги поддржува сите напори за регионална соработка, вклучително и иницијативата „Отворен Балкан“, покрената од Северна Македонија, Србија и Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за порталот „Газета Експрес“, американското дипломатско претставништво во Приштина вели дека, „како независна и суверена држава, Косово има право да ги одредува сопствените надворешно-политички приоритети“, додека за регионалните иницијативи, меѓу кои и „Отворен Балкан“, САД сметаат дека “можат да успеат единствено доколку се отворени за сите земји од регионот“ и се во согласност со европските стандарди.

– САД ги поддржуваат сеопфатните напори за обезбедување регионална економска интеграција. Такви се Берлинскиот процес, Заедничкиот регионален пазар, ЦЕФТА и иницијативата „Отворен Балкан“. Сепак, овие иницијативи можат да успеат единствено доколку се отворени за сите земји од регионот и доколку нудат законски и регулаторни системи кои се во согласност со европските стандарди, се вели во изјавата на Амбасадата на САД во Приштина за „Газета Експрес“.

Косовските државни институции, премиерот Албин Курти, претседателка на државата, Вјоса Османи, како и мнозинството други политички фактори од редовите на косовските Албанци, и од власта и од опозицијата, се противат на иницијативата „Отворен Балкан“, сé додека Србија не го признае Косово како рамноправен партнер, односно како независна држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2022 14:57