Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, како еден од првите формирани регионални центри во Република Македонија, годинава слави 14 години од своето работење. Од формирањето до денес, Жулиета Ѓуркова е директорка на Југоисточниот плански регион. Со неа разговаравме за постигнувањата во изминатиот период, кои проекти го одбележаа развојот на југоистокот на државата, за рамномерниот регионален развој, за актуелните проблеми и за идните проекти.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион постои 14 години. Може ли една куса ретроспектива на сработеното и што го одбележува работењето во овој период?

– Во овој период имаме имплементирано околу 85 проекти, од кои дел сè уште се во фаза на реализирање. Од нив, 15 се финансирани од Европска Унија, од кои најголемиот дел се од програмите за прекугранична соработка. Тоа што го одбележува нашето успешно работење е токму делот за добивање награди и признанија, и тоа не само на локално или регионално ниво туку и на национално, но и на ниво на целиот Балкан. За нас е многу значајно што секоја година од Програмата за рамномерен регионален развој аплицираме и добиваме средства и таа сума постојано расте во последните години, што секако ја зголемува успешноста на Центарот. Морам да истакнам дека во последните две години работиме во нови простории. Како вработени посебно сме горди што направивме простор според европските стандарди, како што ѝ доликува на една ваква реномирана институција. Во рамките на нашата институција постои заеднички работен простор, каде невладините организации и бизнис-секторот можат да дојдат да изнајмат простор, а дополнително во овој период почнавме да работиме на една нова тема – социјалното претприемништво и од пред една години постои и функционира Регионалната канцеларија за социјално претприемништво.

Може ли да ги издвоите позначајните проекти, односно тие што оставиле траен белег?

– Траен белег во регионот несомнено е уредувањето на крајбрежјето на Дојранско Езеро. Проект за кој добивме награда и на национално ниво како најдобар регионален проект, а резулатите ги гледаат не само жителите од југоисточниот регион, туку и пошироко, затоа што со овој проект Дојран комплетно го смени својот лик и стана навистина атрактивна туристичка дестинација.

Соработувате со сите општини во регионот, дали иницијативите доаѓаат од општините или произлегуваат од Центарот?

– Морам да кажам дека во овие 14 години, без разлика што има промени на градоначалници од различни политички партии, соработката е одлична. Секој градоначалник кога доаѓа се труди колку што може да направи повеќе во својата општина. Од тие причини се подготвени да работат и во микрорегионот и секако на регионално ниво.

Честопати иницијативите доаѓаат од самите општини, но кога има промени секако е потребна и нашата помош и поддршка за да ги насочиме кон регионални проекти.

Од каде ги обезбедувате средствата, каква е соработката со најголемите донатори на средства за реализирање на проектите и колкава сума е обезбедена лани?

– Постојано финансирање имаме од Министерството за локална самоуправа, односно од Бирото за регионален развој. Секако тука се и европските фондови, посебно тие за прекугранична соработка, а во последните неколку години и од Швајцарската агенција за развој и соработка, со која одлично соработуваме. Лани од Програмата за рамномерен регионален развој обезбедивме околу 800 илјади евра, а склучувме договори и за три европски проекти на сума од околу 620 илјади евра. За оваа година веќе склучивме договор за еден европски проект во вредност од 150 илјади евра и планираме да обезбедиме над еден милион евра, дел од Програмата за рамномерен регионален развој, дел од Швајцарската агенција.

Колку се спроведува Законот за рамномерен регионален развој, односно дали преку него се обезбедуваат доволно средства, посебно сега во услови на криза?

– Во услови на криза Центарот бележи најголем раст и најголем прилив на средства во однос на имплементација на проекти и трошење на парите. Морам да истакнам дека средствата од Програмата за рамномерен регионален развој од година во година се зголемуваат. Според мене, одлично се спроведува законот, а во наш прилог се и измените на овој закон. Ние како Центар немаме проблеми со финансирањето, но не е случај со дел од останатите центри во државата, односно со обезбедувањето на основните средства за оперативни трошоци. Со измените на законот тоа е сменето и тоа ни дава една поголема сигурност и непречена работа.

Кои проекти ќе ги реализирате годинава и кои ќе бидат приоритетни во наредниот период?

– Центарот работи во согласност со петгодишната Програма за развој на планскиот регион и таму една од стратегиските цели е туризмот. Морам да кажам дека за неа постои голема заинтересираност од општините токму за овој дел, каде покрај туризмот се културното наследство, заштитата на животната средина, енергетската ефикасност и инфрастурктурата. Ние веќе аплициравме со нови проекти до Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 година и планиран индикативен буџет за 2023 година, каде се планирани некаде околу 700 илјади евра за нашиот регион. Ние како регион сме втори по развиеност и тоа значи дека добиваме помалку средства од државата. Најмногу добиваат неразвиените региони, но секогаш наоѓаме начини како да обезбедиме повеќе финансиски средства. Тоа е едниот дел, а дополнително подготвуваме апликации што беа избрани преку регионалните форуми на заедниците до Швајцарската агенција за развој и тука приоритети се енергетската ефикасност и туризмот.

Подолго време се најавува предавање во употреба на стационарот за згрижување бездомни животни во Струмица. Кога конечно ќе почне да работи?

– Би се вратила малку назад за да ја кажам историјата за овој проект. Југоисточниот регион е прв што почна да се справува со проблемот со кучиња скитници на регионално ниво. Беше планирано да се изградат два стационари, меѓутоа за едниот не можеше да се реши проблемот со земјиштето и така се изгради само стационарот во Струмица. За жал, со доаѓањето на новите градоначалници и поради тоа што помалите општини не ретко се соочуваат со финансиски проблеми и мали буџети, беше проблем да се обезбедат финансиски средства за функционирање на стационарот. Затоа, Советот на градоначалници донесе одлука тој да се предаде на Општина Струмица и таа да раководи со него, со што во иднина во согласност со законските прописи, тој би бил во функција и на соседните општини за минимален надомест по заловено куче. Во моментот работиме на асфалтирање на пристапниот пат до стационарот и уредување на просторот околу него. Веќе се формираше општинско јавно претпријатие, се избраа раководните структури, следниот чекор е одговорот од Агенцијата за храна и ветеринарство за да добијат одобрение за работа.

По повод 20 Мај, Денот на пожарникарите, за сите противпожарни друштва во регионот обезбедивте опрема за пожарникарите. Што значи таа опрема за нив, каква е, колку чини, во што се состои и од каде е обезбедена?

– Во последниот период почнавме да работиме активно и со противпожарните единици во Југоисточниот плански регион заедно со Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст. Тоа донесе многу проекти и еден од нив, со кој посебно се гордееме, е обезбедувањето заштитна опрема за пожарникарите за справување со шумски пожари. Обезбедени се 112 одела буквално за сите пожарникари во регионот. На 20 мај се изврши дистибуција, а дополнително ќе им се додели и друга опрема за справување со пожари на отворено, како што се пумпи, моторни пили, црева и друго. Но, тоа не значи дека тука застануваме. Ние склучивме уште еден договор во рамките на прекуграничната соработка со Грција, со кој е планирано да се набават две противпожарни возила, од кои едното е за ТППЕ Гевгелија, а другото за ТППЕ Струмица. Покрај овие активности, со проектот со Грција е планирано е набавување ИТ-опрема за рано откривање пожари во регионот, а со проектот за прекугранична соработка со Бугарија е планирано одржување обуки за пожарникарите со европски сертифицирани тренери преку три модули и малку поинтензивна кампања за подигање на јавната свест за спречување на пожарите, но и во делот на промовирање на волонтерството.

Ристо Тасев



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2022 02:22