Новиот словенечки премиер Роберт Голоб го користи своето корпоративно искуство за избирање луѓе кои ќе преземат важни функции, па сите парламентарци од неговата партија морале да одговорат на 12 прашања од тестот Галуп, со кој во компаниите се мери ангажираноста и мотивацијата на вработените.

Станува збор за тест кој дава анализа на вредностите, со што се поттикнуваат позитивните страни на поединецот и се избегнуваат потенцијалните конфликти во групата, изјави за љубљанскиот весник „Дело“ претседателката на Парламентот, Уршка Клакочар Жупанчич од партијата на Голоб, „Движењето за слобода“.

Како и останатите четириесет пратеници избрани на листата за најсилната партија во Парламентот, Клакочар Жупанчич исто така одговарала на прашањата од тестот на Галуп Q12, од кои првото гласело: „Знаете ли што се очекува од вас на работното место?

Голоб, пред да влезе во политиката, го искористи тестот Галуп при изборот на своите соработници во време кога раководел со големата енергетска компанија GEN I.

Тој е вториот словенечки премиер кој своите претходни деловни искуства и методи на управување со човечки ресурси има намера да ги пренесе во политиката, наведува „Дело“.

Весникот додава дека такви методи за избор на соработници и тимови на водечки позиции првпат во словенечката политика ги вовел покојниот премиер и претседател Јанез Дрновшек, кој бил директор на филијала на Љубљанска банка и искусен економист пред да влезе во високата политика.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2022 03:02