КУД ,Дримкол” од Вевчани овие денови ја претставува нашата земја на 20-тата Смотра на фолклорот во Задар, Хрватска, во организација на задарскиот Музеј за заштита на споменици и на Туристичката организација од тој град.

КУД ,Дримкол” со своја изворна и автентична програма синоќа се претстави пред хрватската публика во рамки на официјалната програма на големата летна сцена, а денеска со едночасовна програма „Дримкол” ја претстави вевчанската и македонска фолклорна традиција на плоштадот во Задар.

– Многу убава манифестација, одличен пречек од страна на домаќините, прекрасна публика и многу добро прифатен нашиот фолклор овде во Задар. Се претставивме со традиционални изворни ора и песни од Вевчани и од нашиот регион презентирајќи ја во целост нашата народната култура: вевчанската носија, инструменти, песни. Се потрудивме тоа да биде најдостоинствено како што му прилега на „Дримкол“, на Вевчани и на Македонија и сето тоа навистина се ни се исплати слушајќи ги високите критики за нашето претставување на еминентните професори од Етнолошкиот факултет и други релевантни институции од оваа област, синоќа на тркалезната маса која се одржа на крај од програмата, изјави Кирил Бебекоски од раководството на „Дримкол“, кој ја предводи групата во Хрватска.

КУД „Дримкол” од Вевчани во соопштението наведува дека со ова гостување уште еднаш се потврдува како достоен чувар на македонското културно наследство.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2022 03:44