Во трка за ректор на Универзитетот „Гоце Делчев"-Штип се шест кандидати. Јавниот повик заврши на 20 мај, по што Универзитетската изборна комисија изврши увид и ја утврди уредноста на документите на пријавените кандидати.

За ректор на Универзитетот се пријавени: Татјана Атанасова-Пачемска и Владо Гичев, редовни професори на Факултетот за информатика, Емилија Јаневиќ-Ивановска од Факултетот за медицински науки, Дејан Мираковски и Зоран Панов од Факултетот за природни и технички науки и Винета Сребренкоска од Технолошко-техничкиот факултет.

Наставно-научните и уметнички совети на единиците на Универзитетот ќе изберат Комисија од пет члена, која ќе го спроведува гласањето на единицата на Универзитетот. Гласањето за нов ректор ќе се спроведе на 13 јуни, по што изборните комисии ќе ги обработат резултатите и ќе ги достават до Универзитетската изборна комисија, која ќе ја донесе одлуката.

Одлуката ја потврдува Сенатот, а новиот ректор се избира за мандат во времетраење од три години со право на уште еден избор. Новиот ректор ќе го води Универзитетот во Штип почнувајќи од 15 септември 2022 до 14 септември 2025 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2022 04:38