Пандемијата на Ковид-19 и останувањето дома ги доведе жените, децата како и постарите лица кои живеат во насилна средина во уште поголем ризик од насилство. Економската несигурност, стравот од губење на работните места исто така доведе до зголемување на семејното насилство, вели во интервју за МИА Цветанка Камчева Златева, социјална работничка во Женскиот центар за поддршка – Скопје.

Токму Женскиот центар за поддршка – Скопје, потенцира таа, им нуди помош и поддршка, психолошко советување, односно преку индивидуални континуирани сесии им овозможува на жените кои сакаат да го прекинат кругот на насилство, да го напуштат или доколку веќе го напуштиле насилниот партнер, да се зајакнат, да ги надминат преживеаните трауми и да го променат дотогашниот начин на живеење. Мотивирање и придружби до соодветните институции за жените кои се јавуваа и охрабруваа да пријават и излезат од насилната средина.

Севкупната ситуација, посочува Камчева Златева, се одрази и на состојбата на децата кои дирекно или индиректно се вклучени во насилството. За да им се помогне на овие деца, Центарот ангажира терапевтки за работа со деца за им помогне да ги надминат овие трауми.

– Во периодот од 1 јануари 2021 до 31 декември 2021 година во Женскиот центар за поддршка имало вкупно 139 корисници на услуги, од кои 126 жени жртви на насилство и 13 малолетни деца. А бea обезбедени вкупно 970 услуги, дадени од давателките на услуги ангажирани во Женскиот центар за поддршка. Од почетокот на оваа година Центарот им пружи помош и поддршка на 53 жени жртви на насилство, вели Камчева Златева.

Во интервјуто за МИА, Камчева Златева зборува за можностите што ги нуди Женскиот центар за поддршка за помош на жените и децата, кои се соочуваат со насилство во семејството и како тие да се реинтегрираат во општеството.

Женскиот центар за поддршка – Скопје постои од јуни 2020 година и досега им овозможил помош и поддршка на повеќе стотина жени и деца. Какви услуги и помош им нуди овој Центар?

– Женскиот центар за поддршка – Скопје постои од јуни 2020 година и функционираше на друга локација, но од 6 декември 2021 година Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, со поддршка на Балканскиот фонд за демократија и Амбасадата на Норвешка во Белград и Амбасадата на Словачка, официјално го отвори Женскиот центар за поддршка – Скопје, кој се наоѓа на ул. Илинденска бр.162, Скопје, Општина Карпош. Женскиот центар за поддршка е специјализирано советувалиште за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство и целта на Центарот е подобрување на пристапот до специјализирани услуги за поддршка за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство и обезбедување квалитетни и доверливи услуги за оваа ранлива категорија граѓанки. Со тоа, на жените кои претрпеле некоја форма на насилство им се дава помош и поддршка, и тоа: психолошка поддршка, поддршка и помош за остварување на социјалните права од социјална заштита и правна помош и советување.

Дополнително, жените жртви на родово базирано и семејно насилство добиваат поддршка и помош за економско зајакнување преку организирани обуки за вештини и кариерно советување. И да напоменам, од април оваа година за работа со деца се вклучија и две психотерапевтки. Во периодот од 1 јануари 2021 до 31 декември 2021 година во Женскиот центар за поддршка имало вкупно 139 корисници на услуги, од кои 126 жени жртви на насилство и 13 малолетни деца. А бea обезбедени вкупно 970 услуги, дадени од давателките на услуги ангажирани во Женскиот центар за поддршка. Од почетокот на оваа година Центарот им пружи помош и поддршка на 53 жени жртви на насилство.

Центарот почна да функционира пред отпочнувањето на ковид-кризата, а денес веќе се соочуваме и со економска криза. Како овие околности влијаат врз односите во семејствата, посебно на семејното насилство, за што веќе има информации дека се зголемува, и врз состојбата на децата?

– Жените жртви на семејно насилство и нивните деца како ранлива категорија за време на ковидот беа целосно исклучени од мерките и со зголемен ризик од семејно насилство. Не пријавуваа и не беа во можност да се јават за помош и поддршка да го пријават насилството, да побараат соодветна заштита или, пак, да бидат сместени во Центар за лица жртви на семејно насилство, поради присуство на сторителот во домот.

Останувањето дома ги доведе овие жени, деца како и постарите лица кои живеат во насилна средина во уште поголем ризик од насилство. Економска несигурност, стравот од губење на работните места исто така доведе до зголемување на семејното насилство. Нашиот центар нуди помош и поддршка, психолошко советување, односно преку индивидуални континуирани сесии им овозможува на жените кои сакаат да го прекинат кругот на насилство, да го напуштат или доколку веќе го напуштиле насилниот партнер, да се зајакнат, да ги надминат преживеаните трауми и да го променат дотогашниот начин на живеење. Мотивирање и придружби до соодветните институции за жените кои се јавуваа и охрабруваа да пријават и излезат од насилната средина. Ситуацијата нормално дека се одрази и на состојбата на децата кои дирекно или индиректно беа вклучени во насилството. За таа таа цел, како што споменав и погоре, се ангажираа терапевтките за работа со деца, со цел надминување на овие трауми.

Колку од жените и децата што ви се обратиле успеале да излезат од вителот на семејното насилство? Дали успеале да најдат работа и да се реинтегрираат во општеството?

– Реинтегрирањето подразбира домување, психолошка поддршка и советување, финансиска помош и помош при вработување кое е долгорочен процес на кој интензивно работат давателките на услуги во Женскиот центар за поддршка. Тоа значи дека се работи на излегување од насилната средина, пријавување во надлежните институции, помош при домување и помош во наоѓање работа. За оваа цел е ангажирана нашата кариерна советничка, која работи со жени кои преживеале насилство, а кои се невработени или се вработени, но со ниски примања. Преку индивиидуални сесии, менторката ѝ помага на жената во откривање на можностите за кариера, избор на професија за себе, приоритет на професионалните цели, управување со време, развој на кариера итн.

Каква помош и поддршка нуди Центарот во делот на социјалната заштита и правата на жените и децата?

– Помош и поддршка во остварување на правата од социјална заштита ја обезбедува социјалната работничка која е ангажирана во Женскиот ценатр за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство. По направениот иницијален разговор, социјалната работничка прави процена на моменталната состојба на жената и нејзините деца (доколку ги има), на нивните потреби и ја информира жената за можностите за остварување права од социјална и здравствена заштита што ѝ следуваат. По потреба, социјалната работничка ја придружува жртвата до други институции со цел остварување права од социјална, детска и здравствена заштита.

Исто така, социјалната работничка прави процена на степенот на образование и вештините на жртвата, и во согласност со процената, заедно со жртвата идентификува соодветни програми за унапредување на вештините и образованието. Дополнително, во согласност со постојните мерки за вработување во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, социјалната работничка во соработка со кариерната советничка ѝ помага на жртвата да најде вработување. Жените кои преживеале насилство и сè уште не го пријавиле или, пак, го пријавиле во надлежните инситуции, но не добиле соодветна заштита, доколку се обратат во Женскиот центар, од страна на социјалната работничка ќе ги добијат сите потребни информации, како и придружба до институциите да го пријават насилството.

Правната советничка која е ангажирана во Центарот е одговорна за директни контакти и средби со корисничките и врши проценка на нивните правни проблеми и потреби. Во консултација со жртвата определува кои се нејзините приоритети и што прво треба да се преземе. Во нејзино име правната советничка подготвува различни поднесоци, барања и приговори до релевантни институции. Понатаму, правната советничка пружа и советувања за понатамошните правни дејства кои може клиентката да ги преземе во насока на заштита на нејзините права во согласност со законските прописи.

Во склоп на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство работи и Линијата за позитивно родителство, која е наменета за сите родители, старатели и згрижувачи. Колку родителите ви се обраќаат и кои се главно нивните потреби?

– Линијата за позитивно родителство е анонимна и доверлива услуга и е достапна секој работен ден во периодот од 15 до 20 часот (075 230 530) и е наменета за сите родители, старатели и згрижувачи, но и за сите што се грижат или работат со деца. Преку линијата за родители, на корисниците им се обезбедуваат практични совети како соодветно да одговорат на бихевиоралните и емоционалните потреби или промени кај детето од неговото раѓање до периодот на адолесценција, но и како соодветно да одговорат на секојдневните предизвици.

Родителите најчесто се јавуваат кога се чувствуваат загрижено и исплашено во врска со некое однесување или состојба кај децата, кога се несигурни во врска со одредена развојна промена кај децата и кој е најсоодветниот начин да се одговори или, пак, кога се чувствуваат заглавено и безизлезно со досегашното справување со одредено однесување или генерално чувство дека не се снаоѓаат добро со задоволување на неговите/нејзините потреби. И најголем број јавувања се поради проблеми во однесувањата кај нивните деца, и тоа несоодветно изразување лутина и агресивно однесување, непочитување правила, тешкотии при воспоставување и следење работни навики (време поминато пред екрани), како и адаптација на нови средини и услови (почеток во градинка, училиште или онлајн настава) или, пак, разделба на родителите или отсутност на родителите од различни причини. Месечно јавувања на линијата за позитивно родителство има по околу 40 родители.

Дополнително да напоменам при Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство постои и Женскиот интервентен фонд, со цел финансиска помош и поддршка на жени и деца жртви на различни форми родово базирано насилство и семејно насилство, кои го имаат пријавено случајот во релевантните институции/организации и водат постапка против сторителот. Жените жртви на семејно насилство може да побараат поддршка преку користење на средствата од Женскиот фонд доколку се материјално необезбедени (невработени, со ниски примања, примателки на социјална помош), или се во ризик од бездомништво. За крај, ги охрабрувам сите жени, доколку преживеале или преживуваат некаква форма на родово базирано насилство или семејно насилство, да побараат помош и поддршка во Женскиот центар за поддршка – Скопје на телефонот 075/255-154 или на е-адресата sovetuvaliste@glasprotivnasilstvo.org.mk и на Фејсбук Женски центар за поддршка – Скопје.

Елизабета Вељаноска Најдеска / МИА



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2022 01:54