Човек во инвалидска количка се обиде да ја оштети познатата слика „Мона Лиза“, на Леонардо да Винчи, во музејот Лувр во Париз вчера. Тортата што ја фрли завршила на заштитното стакло.
Според очевидци, мажот носел перика, наеднаш станал и се приближил до сликата, фрлил торта врз неа, на запрепастување на посетителите на музејот.
Чуварите побрзале да го исфрлат човекот од собата, а тој мирно си заминал, додека останатите посетители продолжиле да снимаат со своите телефони.
Корисник на Твитер, кој вели дека бил присутен за време на инцидентот, тврди дека сторителот бил маскиран маж со перика, кој станал од инвалидска количка за да удри во стаклото отпорно на куршуми, пред да фрли торта врз неа.
Овој корисник објавува и видео на кое го гледаме дотичниот човек како стои до својата инвалидска количка и придружуван од обезбедувањето. „Има луѓе кои ја уништуваат Земјата (…) Сите уметници, мислете на Земјата. Затоа го направив ова. Помислете на планетата”, вели на француски, мажот облечен во бело, перика и капа на главата.
На други слики, инвалидската количка може да се види поставена зад заштитната ограда, која посетителите вообичаено не треба да ја поминуваат. Ниту една фотографија или видео не го сними самиот инцидент.
Ова не е прв пат сликата на Леонардо да Винчи да биде жртва на вандализам. Во август 2009 година, руски посетител на Лувр беше уапсен откако фрли празна шолја чај во правец на Ла Џоконда. Музејот потоа објасни дека чашата се скршила на блиндираната витрина, која била многу малку изгребана.
Во декември 1956 година, Боливијанец фрлил камен на Мона Лиза, оштетувајќи ја бојата на левиот лакт. После тоа, портретот бил поставен зад витрина. Презентирана од 2005 година зад оклопно стакло, закачена во кутија каде се контролираат влажноста и температурата, Мона Лиза гледа неколку милиони луѓе кои парадираат секоја година и кои доаѓаат да и се восхитуваат во најфреквентниот музеј во светот (десет милиони посетители годишно пред Ковид- 19).