Осум екипи составени од ракометари родени 2004 година и помлади, од три држави, поделени во две групи, ќе се натпреваруваат за победнички пехар на премиерното издание на меѓународниот турнир „Марко Божиновски“.

Турнирот ќе се игра во чест на младиот ракометар и член на македонскиот национален тим, Марко Божиновски кој почина пред една година.

Во негова чест и аманет, а имајќи предвид дека ракометот беше негов живот, љубов и животна определба, неговото семејство ја отвори Фондацијата „Марко Божиновски“ со визија вечно да живее неговиот лик и дело, поддршка на млади луѓе кои поседуваат талент но немаат можност да инвестираат во себе, но и всадување на спортски дух кај новите генерации, дух кој Марче го носеше во себе.

– Водејќи се од визијата на Фондацијата, во сегментот на организација на спортски активности и настани за деца и млади, во периодот од 14 до 17 Јуни, 2022 година, Фондација „Марко Божиновски“ со особена чест и задоволство го најавува премиерното издание на Меморијалниот ракометен турнир „МАРКО БОЖИНОВСКИ“, турнир за ракометари до 18 години на кој ќе учествуваат осум младински екипи, од 3 различни држави, Хрватска, Србија и Македонија, соопшти организатор на турнирот.

Натпреварите ќе се играат по принцип 2х30 минути во две групи, со систем на натпреварување секој со секого во својата група. Прво пласираните екипи од групите ќе играат натпревар за прво место, второпласираните за трето итн. Во случај на ист број на поени ќе се применат пропозициите на РФМ. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube.

Натпреварите од турнирот ќе се одиграат во спортскиот центар „Ново Лисиче“, Општина Аеродром, кој од минатиот октомври е преименуван во С.Ц „Марко Божиновски“

Во А-групата се: Војводина од Нови Сад, Пролет од Скопје, Вардар од Скопје и Бутел од Скопје

Б-групата е составена од: Нексе Нашице, Алкалоид од Скопје, Голден Арт од Скопје и Еурофарм Пелистер од Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2022 10:29