Поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, и неговата придружничка, актерката Жули Гаје, се венчаа дискретно во саботата во градското собрание на Тул, во Корез. Тие „се венчаа во приватен круг“, соопшти градското собрание кога ја објави веста за весникот „Ла Монтањ“, јави дописникот на МИА.
Градоначалникот на Корез, Бернар Комб, ја водеше свечената церемонија за неговиот пријател Франсоа Оланд, кого го наследи на чело на општината во 2008 година. Ова е прв брак на Франсоа Оланд (67), татко на четири деца, кои ги има со својата поранешна партнерка Сеголен Ројал.
Жули Гаје, е разведена во 2006 година, мајка е на две момчиња, а својот 50-ти роденден го прослави еден ден претходно, на 3 јуни, во Тул.
Двојката, чија врска беше откриена во 2014 година од страна на списанието Клозер, кога Оланд се уште беше претседател на Франција, во 2018 година купи куќа во ридовите на Тул. Во изминатите неколку недели, тој имаше повеќе посети во департманот Корез, особено за да ги поддржи дисидентските социјалистички кандидати за парламентарните избори.