Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и директорот на ЈП Улици и патишта, Борис Настов, денеска на прес конференција во населеното место Кисела Јабука, го најавија започнувањето на градежната офанзива во Скопје, во која прва фаза е предвидена реконструкцијата на над 20 општински улици во општината Ѓорче Петров.

-Денеска во општина Ѓорче Петров започнува скопската градежна офанзива. Започнуваме со реконструирање на повеќе од 20 улици во оваа општина. Станува збор за улици кои досега не биле асфалтирани, односно за првпат се асфалтираат на барање на граѓаните да добијат улици и услови какви што заслужуваат. Градот Скопје за оваа меѓуопштинска соработка одвојува 4 милиони денари, истакна Арсовска.

Градоначалничката појасни дека во оваа прва фаза ќе се пристапи кон реконструкција на улици во пет населени места во оваа општина, во село Волково, Кисела Јабука, Даме Груев, Ново Село и Стопански Двор, ќе се реконструира патна инфраструктура во должина од пет километри.

-Можеме да зборуваме за современ и современ град само ако се обидеме за сите да обезбедиме соодветни услови, да не биде како до сега односно да нема повеќе заборавени населби.Програмска определба е во Скопје да нема заборавени населби, многу долго се оставени без соодветен развој дел од населените места, а со подобрување на таа слика започнуваме денеска со градежната офанзива, за рамномерен развој во урбаниот и руралниот дел на Скопје, вели Арсовска.

Со оваа реконструкција ќе бидат опфатени улиците во село Волково и тоа улица 83, улица 100 десен крак, улица 3, 73, 74, 78, улица 80 Пржина, улица 81 крак 1, 2, 3 лево, улица 81 крак 4 десно. Во Кисела Јабука улиците 4, 6, краците на улицата 46 и 46а и улиците 68, 10 и 34. Улицата Антон Кецкаров во населено место Даме Груев, во Ново Село пред училиштето крак десно, крак лево и краците на улиците 4 и 2, како и улица 52 десен крак во населба Стопански Двор, истакна Арсовска.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски истакна благодарност до Градот Скопје за одвоените финансиски средства и добрата соработка со градоначалничката Арсовска.

Стојкоски истакна дека оваа реконструкција е опфат на изградба на нова патна инфраструктура на општински улици во општината Ѓорче Петров, сето тоа во интерес на над 20 илјади жители кои живеат и гравитираат на овој дел од општината, каде повеќе од неколку децении не се реализирани барањата на граѓаните.

Директорот на ЈП Улици и Патишта, Борис Настов на увидот истакна дека од вчера е започнато да се работи на подготовка на асфалтирање на улиците во населбата Кисела Јабука со ископ на гребен асфалт, потоа со поставување на тампон слој и уште денеска ќе се пристапи кон асфалтирање со нова асфалтна маса.

Вкупната површина на улиците кои ќе бидат асфалтирани е над 16.000 квадратни метри, со променлива широчина на улиците од 3 до 5 метри, со што ќе се подобрат условите на живеење на граѓаните кои живеат тука, а воедно ќе се влијае и на подобрување на безбедноста во сообраќајот, истакна Настов.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/06/2022 13:21