Кога започна руската инвазија врз Украина, голем дел од Украинците беа принудени да ги напуштат своите домови и да бараат засолниште во други земји. Во интервју за МИА, Моника Сандри, претставничката на УНХЦР на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации вели дека големината на солидарност во државите коишто ги примаат украинските бегалци останува неверојатен. Државите-членки на Европската Унија претходно презедоа претходно мерки со брзото активирање на Директивата за привремена заштита за првпат, обезбедувајќи пристап до заштита и услуги за бегалците од Украина. Други европски држави понудија слични шеми за заштита.

По повод 20 јуни – Светски ден на бегалците, Сандри информира дека над пет милиони бегалци од Украина се регистрирани дека побарале заштита насекаде во Европа. Многу од нив се примени во Германија, Полска, Руската Федерацја, Чешката Република и други, односно во вкупно 44 држави во Европа.

Принудното напуштање на својот дом поради војна е една од најтешките работи со која може да се соочи едно лице, а уште потешко е каков ќе биде неговиот статус во државата во која се сместил и што го чека таму. Дали се забележани злоупотреби и неправда врз бегалците од Украина во државите во коишто се засолнети?

-Постои силна великодушност и солидарност во државите кон украинските бегалци, што е за поздравување. Сепак, треба да запомниме дека оваа бегалска криза е криза за заштита претежно на жени и деца, со оглед на тоа што тие претставуваат 90 отсто од сите луѓе кои бегаат од Украина. Во вакви ситуации, растат ризиците за родово засновано насилство, криумчарење, злоупотреби, трауми и разделување на семејства, што бара дополнителна поддршка. За среќа, досега, имаше малку регистрирани случаи за злоупотреби, истакна Сандри.

Македонија ги отвори вратите за Украинците, но статусот на Украинците во државата сè уште не е дефиниран. Во какви услови живеат тука Украинците?

-Државата и жителите покажаа солидарност и ги раширија своите раце за прифаќање бегалци од Украина. Сепак, со оглед на тоа што војната сè уште не е завршена, од најголема важност е сега да се направат сите напори за да им се даде статус на заштита на украинските бегалци, слично со начинот на кој ЕУ и други држави постапија во давање статус за привремена заштита. Солидарноста и милосрдието не се доволно. Добивањето статус им овозможува на луѓето да имаат брз пристап до права, самоодржливост, ја намалува зависноста од прифат и помош, а и им овозможува на луѓето да ги продолжат своите животи и да придонесат кон локалните заедници. Повторно, од витално значење е државата да им обезбеди статус за заштита на Украинците најскоро. Немањето статус на заштита ги ускратува луѓето од слободен пристап до здравствени услуги, образование за децата и други важни права, вели претставничката на УНХЦР во Македонија во интервју за МИА.

Колкав е бројот на бегалци од Украина кои се во Македонија?

Во моментов има преку 1 000 лица од Украина кои престојуваат тука. Од нив, 243 лица имаат регулирано привремен престој заради хуманитарни причини. Сепак, како што споменав, никој од нив нема статус на заштита.

Какви активности презема УНХЦР за да им ја олесни состојбата на Украинците кои престојуваат во државата?

-Од самиот почеток на украинската бегалска вонредна состојба, УНХЦР, тука – исто како и во други држави – бара да се обезбеди статус на заштита за луѓето кои бегаат од Украина. Исто така, заедно со другите агенции на ОН, државните институции и невладините организации, работиме за да ги дознаеме потребите на украинските бегалци во Македонија со цел тие да можат да добијат соодветна поддршка.

Во Македонија, моментно украинските бегалци можат да користат бесплатна правна помош, информации за азил, телефонска линија која е достапна 24 часа на ден седум дена во неделата, часови за изучување на македонскиот јазик, хуманитарна помош, обезбедени од невладините партнери и УНХЦР.

Покрај украинските државјани, дали во Македонија престојуваат бегалци од други држави и каков е нивниот статус?

-Имаше и сè уште има бегалци од други држави кои престојуваат тука. Ним статусот им се одредува на поединечна основа и кај најголем број тоа е статусот на супсидијарна заштита. Кога зборуваме за бегалците од други држави, не смееме да заборавиме дека нови конфликти се појавуваат, а старите продолжуваат со несмалено темпо. Бројот на лица кои биле принудени да избегаат расте секоја година и сега изнесува над 100 милиони, што е повеќе од двојно од пред десет години. Многу од овие луѓе поминале низ истите хорори и ги делат истата ранливост и потреби како украинските бегалци. За жал, многу од нив, кога бараат заштита, не наидуваат на истата солидарност и раширени раце на кои сме сведоци сега.

Како би ја опишале состојбата со бегалците кои се во државата и какви активности преземаат државните органи со цел да им обезбедат услови за живот?

-Државата има воспоставено систем со кој се обезбедува пристап до права и услуги од моментот кога едно лице аплицира за азил и сè додека лицето има статус. Тоа значи дека децата имаат слободен пристап до образование, сите лица имаат бесплатна здравствена заштита, а бегалците исто така можат да работат и да придонесуваат кон локалната економија, како и да добијат дополнителни услуги за интеграција во општеството. УНХЦР работи со државните институции со цел да се подобри системот и да се премостат постоечките предизвици.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2022 09:40