Црната смрт што убила десетици милиони луѓе во средината на 14 век потекнува од северниот дел на Киргистан, утврдиле научниците врз основа на ДНК примероците на жртви закопани на гробиштата на древниот Пат на свилата во Централна Азија.

Научниците објавија дека анализирале ДНК примероци од Yersinia pestis од забите на три жени закопани во средновековна несториска христијанска заедница во долината Чуи, во близина на езерото Исик Кул, во подножјето на планините Таншан, кои починале во 1338-1339 година. Најраните документирани смртни случаи од чума во другите области биле забележани во 1346 година.

Реконструкцијата на геномот на патогенот покажал дека овој вид не само што довел до развој на сојот што ја предизвикал Црната смрт што ги опустоши Европа, Азија и Блискиот Исток, туку и повеќето видови на чума што постојат и денес.

„Со нашето откритие дека црната смрт потекнува од Централна Азија во 1330-тите, завршува вековната дебата“, рече историчарот Филип Славин од Универзитетот во Стирлинг во Шкотска, еден од авторите на студијата објавена во списанието Nature.

„Постојат голем број различни хипотези кои сугерираат дека пандемијата можеби потекнувала од Источна Азија, конкретно Кина, Централна Азија, Индија, па дури и во близина на области во регионите на Црното Море и Каспиското Море каде што првите случаи биле документирани во 1346 година“, рече археологот Марија Спиру од Универзитетот во Тибинген во Германија.

„Знаеме дека трговијата веројатно била одлучувачки фактор за ширење на чумата во Европа на почетокот на Црната смрт. Разумно е да се претпостави дека слични процеси влијаеле на ширењето на болеста од Централна Азија до Црното Море помеѓу 1338 и 1346 година“, додаде Спиру.

Потеклото на пандемијата е предмет на жестоки дебати, за што сведочи и дебатата за актуелната пандемија на Ковид-19.

Црната смрт била најсмртоносната пандемија во историјата. Таа уби 50 до 60 отсто од населението во делови од Западна Европа и 50 отсто на Блискиот Исток, или вкупно 50 до 60 милиони луѓе, рече Славин. Непознат број луѓе загинале во Кавказ, Иран и Централна Азија, додаде тој.

„Веќе во средниот век гледаме голема подвижност и брзо ширење на човечкиот патоген“, вели археогенетичарот и коавтор Јоханес Краузе, директор на Институтот за човечка историја Макс Планк во Германија. „Не треба да го потценуваме потенцијалот на патогените да се шират низ светот од прилично оддалечени локации, веројатно поради зооноза“ или ширење на болестите од животните на луѓето.

Научниците анализирале заби, добар извор на ДНК, од седум лица закопани на гробиштата на населбите Бурана и Кара-Ѓигаша, добивајќи ДНК на чума од три примероци од Кара-Ѓигаш. Бубонската чума, тогаш неизлечива болест која сега се лекува со антибиотици, предизвикувала отечени лимфни јазли од кои течело крв и гној и влијаело на крвта и белите дробови. Во Европа најмногу се пренесувала со каснување од болви од заразени стаорци. Пандемијата потекнува од диви глодари, најверојатно мрмоти, рече Славин.

За ширењето придонеле глодарите кои ги придружувале трговските каравани, а веројатно се проширила и со каснување од човечки болви и вошки. „Откривме дека најблиските живи роднини на видот Yersinia pestis што доведоа до развој на црната смрт сè уште може да се најдат денес кај мрмотите во регионот“, рече Краузе.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2022 06:40