Во 90-тите, а и потоа, светот ја засака по акцијата „Брзина“, трилерот „Време за убивање“, комедијата „Мис таен агент“ и оскаровската драма „Судир“… А денес, по 30 години на големиот екран, Сандра Булок планира да се откаже од киното.

Во интервју за „Холивуд репортер“, 57-годишната оскаровка откри дека ќе се повлече од професионалната глума, за да може да минува повеќе време со своите деца (12-годишниот син Луис и 10-годишната ќерка Лајла).

– Толку сум „прегорена“… Толку сум уморна, па веќе не можам ни да носам здрави, паметни одлуки… Мислам дека постојаната работа последниве три десетлетија ми стана пречка, вели таа.

Сега таа решила да му се посвети на семејството – на своите деца и сопругот Брајан Рендал, со кого е од 2015 година.

Единствениот „Оскар“ за главна женска улога го доби за филмот „Слепата страна“ од 2009 година, а во 2014. беше номинирана и за вселенската трилер-авантура „Гравитација“. Занимливо е и тоа што ден пред да го добие „Оскарот“ пред 12 години, Сандра Булок беше една од ретките што се појави на сцената на „Златна малина“ и достоинствено го прими „одличјето“ и за најлоша глумица на годината – за филмот „Сѐ за Стив“.

Глумицата има и 78 други филмски награди и 120 номинации.

Таа има и сопствено продукциско студио, 17 продуцирани филмови, улоги во 59 проекти. Последна улога, се чини засега, ќе ѝ биде онаа во „Брз воз“ (Bullet Train), чие прикажување е закажано за 5 август. Во него, таа глуми со Бред Пит.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2022 10:39