Генералниот менаџер на Вардар, Михајло Михајловски, најави повлекување од раководната функција во Вардар.

– Уште пред да се случи ова со ЕХФ, јас донесов одлука да се повлечам од Вардар, откако клубот ќе застане на „здрави нозе“. Веќе сум во години, инволвиран сум во многу бизниси и веќе размислувам за мој наследник кој ќе го води клубот. И на играчите им кажав дека ќе најавам оставка, но најпрво сакам заедно со господинот Сергеј Самсоненко да ги исчистиме сите долгови и да обезбедиме изјави од сите играчи дека немаат побарувања од клубот, рече Михајловски на денешната прес-конференција.

Тој апелираше до Владата, Град Скопје и до сите компании кои сакаат и можат да го помогнат клубот да го врати стариот сјај.

– Ќе бидам тука додека се расчисти сè и додека се најдат спонзори за Вардар да продолжи и да има светла иднина, а тоа е да игра во Европа каде реално ни е местото.

Михајловски им се заблагодари на сите сегашни играчи кои покажаа лојалност и покрај новата состојба во која се најода „црвено-црните“.

– На мое задоволство целата екипа ќе остане и за следната сезона. Останува уште да разговарам со Дибиров и Томовски кои не беа во државата. За тренерското место, доколку Давид Дејвис си замине, ќе го поставиме Владо Недановски, додаде Михајловски.

За својот наследник на раководното место во Вардар, Михајловски рече дека треба да го сака спортот и ракометот и да има менаџерски способности и потенцијал.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2022 13:27