Пет тимови од млади луѓе, на возраст од 16 до 24 години, ќе продолжат во следната, последна фаза од младинскиот предизвик „Generation unlimited – Технологија за планетата 2022″ која следува по тридневна работилница за третиот по ред младински предизвик „Генерација без граници” кој го организираат УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија.

Како што информираат од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21, во текот на работилниците кои се одржале изминатиов викенд во просториите на Телеком, младите работеле на развивање и конкретизација на своите првични идеи, поддржани од стручни лица. Менторите работеле со младите во делот на концептуализација на идеите и design thinking, финансиско планирање и креирање на буџет за решенијата, создавање на бренд – идентитет и слично.

– Во следната фаза продолжуваат тимовите Oh Swapp Team; Red Hot Chilli Peppers; „Менади”; Bio Techno Logic и 3D Factory. Овие пет идеи ќе бидат поддржани со дополнителни 1.000 $ (по тим), со цел дополнително да се усовршат и подобрат. Нивните идеи се однесуваат на креирање на системи за рециклирање на отпадот и негова повторна употреба како правилно одложување на органскиот отпад, облека и создавање на нова вредност од истите, стои во соопштението од Центарот.

Во претстојниот период, петте тимови ќе продолжат да работат со менторите, а националниот предизвик ќе заврши со финален настан, при крајот на јули, кога ќе бидат избрани две решенија кои ќе ја претставуваат Македонија на глобалниот предизвик „Генерација без граници”.

Младинскиот предизвик е дел од партнерството на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, а е реализиран од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2022 13:35