Општина Кочани продава градежно земјиште во државна сопственост, наменето за изградба на објекти за индивидуално домување, при што дел од парцелите се во рамки на проектот „Купи куќа за млади“.

Продажбата ќе се реализира со јавно наддавање, а објавата е прва по период од една година. Се продаваат вкупно десет парцели, од кои по три се лоцирани на улиците „Пиринска“ и „Митко Тодоров“, по една на „Ѓорче Петров“, „Смилевски конгрес“ и „Иљо Тесларо“ во градска четврт 9, а една на улицата „Вера Которка“ во населбата Монополски Бавчи.

-Секоја од парцелите е со различна површиина, при што најмалата е од 294, а најголемата 549 квадратни метри. Освен за изградба на објекти за индивидуално домување од класата А1, кај пет од парцелите е дозволена и намена на просторот за класа Б1, односно вметнување простории за комерцијални или други деловни намени, а искористеноста може да биде до десет отсто од нето површината на објектот, се нагласува во јавната објава на Општина Кочани.

Рокот за пријавување за учество на јавното наддавање за купување е до 18 јули, а наддавањето ќе се одржи два дена подоцна. Почетната цена за сите градежни парцели е 61 денар за метар квадратен.

Целосната објава за продажба на градежно земјиште, сопственост на Република Северна Македонија, е поставена на веб-страницата на Општина Кочани.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2022 03:35