Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) на денешната традиционална Меѓународна поетска манифестација „Празник на липите“ им ја врачи наградата „Книжевен жезол“ на поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска и поетот Аднан Озер од Турција.

На манифестацијата беше промовирана заедничката книга „Бесконечното“ од Гордана Михаилова Бошнакоска и поезија од Аднан Озер. Како што посочија од ДПМ, преку оваа награда „Книжевен жезол“ се прави мост меѓу македонската култура и јазик и другите култури и јазици.

Во својата беседа за добитиците, Ерол Туфан на денешната манифестација посочи дека поетот Аднан најмногу зборува за мигрантите и за вредностите на помалите градови.

-Темата на мигрирање од село во град е тема не само кај поезијата на Аднан, туку и во општата литература во Турција. Она што го одвојува Аднан од другите поети на своја генерација е тоа што тој бил основач на неколку книжевни списанија. Тој пее за населбите полни со мигранти, а и самиот и натаму продолжува да живее во помала општина во Истанбул, иако припаѓа на културната елита во Турција, сепак не ја менува лоокацијата на живеење. Како што и самиот поет вели „Само оној кој постојано се дружи со светските поети, само тој може да се надоградува, и дневно учејќи да го збогатува балансот од повеќе зборови во своите песни“, додаде Туфан.

Претседателот на ДПМ, Христо Петрески во својот осврт денеска посочи дека Аднан Озер е еден од најпознатите современи турски поети, кој со свој сегашен турски опус и во сегашниот водечки креативен ангажман влог и ракопис сосема заслужено во нашата држава ја доби наградата „Книжевен жезол“ во 2022 и „Златен прстен“ во 2015 година.

-Во неговата поезија авторот како да прави деминисенција врз свој пат и живот. Со неговиот зрел, оформен и емотивен ракопис, Озер преку лирски и деструктивен курс и дискурс пее за мраморот и животот со многу енергии и нагон и доживеани чувства. Тој во неговата поезија вметнува многи симболи, елементи, детали и најинаси. Се чини и не постојат два така сродни инспиративни и чувствителни симбола како што се кај Озер „Островот и мермерот“, рече Петрески.

Според академикот Влада Урошевиќ, првите песни на Гордана веќе ја најавија како посебна личност во мозаикот на македонската поезија. Мозаикот, кој од ден на ден стануваше се побогат и поразновиден.

-Кога се појави Гордана, веднаш почна да се зборува за неа, како за млада девојка која се облекува екстравагантно, но и покрај убавината поседува талент. Нејзините песни се мошне различни од се она што дотогаш беше сметано за поезија, како и нејзина појава, рече Урошевиќ во својата беседа.

Тој напомена дека со својата поезија, но и својот нагласен начин на настапување во јавноста Гордана беше своевиден украс на нејзиното време, дури и кога за украсите се уште не беше препорачливо да бидат премногу видливи.

На свеченоста денеска исто така беше врачена и наградата за најдобра песна на тема „Липа” на македонскиот поет Стефан Марковски.

Покровители на Манифестацијата се Министерството за култура на Република Македонија, Град Скопје и Турскиот културен центар „Јунус Емре” – Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2022 12:23