Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми денеска изрази жалење за вчерашниот инцидент на седницата на комисијата и очекува ваквите ситуации да не бидат поттик за судир во Собранието.

– Пред сѐ, жалам за она што се случи синоќа на седницата на Комисијата за европски прашања и изразив жалење за сите оние сцени испровоцирани од опозицијата што се случија, а кои не требаше да се случат, вели Адеми во изјава за Слободен печат.

Такви сцени, додаде тој, не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од кој било друг.

– Жалам за ваквите сцени и очекувам ваквите моменти и ситуации да не бидат поттик за судир во Собранието. Реформската агенда на ова парламентарно мнозинство, но и на Владата мора да продолжи, не смееме да станеме плен на нивните провокации кои се во функција на реализација на странски агенди за дестабилизација на државата но и за дефокусирање на граѓаните и на пошироката јавност од интеграциските процеси, рече Адеми.

Адеми нагласи дека пратениците од опозицијата се обиделе да го спречат гласањето за дневниот ред и оти имало насилство врз него. За целиот инцидент, според Адеми виновен е пратеникот Антонио Милошоски.

– Насилство имаше врз мене бидејќи јас бев на моето работно место. Сите пратеници имаат партиска агенда, но таа не смее да биде на штета на институциите и граѓаните. Додека го држев микрофонот на сила ми го зедоа и физички ме повредија. Овие сцени се за жалење, потенцира Адеми



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2022 13:58