Министерката за одбрана Славјанка Петровска утре и задутре ќе биде дел од високата државна делегација која ја предводи Претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски на претстојниот Самит на НАТО кој ќе се одржи во Мадрид, Кралството Шпанија.

За време на Самитот министерката Петровска заедно со министрите за одбрана на Португалија и Бугарија, Хелена Кареирас и Драгомир Заков и Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, ќе учествуваат на панел дискусија организиран од НАТО Одделот за јавна дипломатија - НАТО Јавен Форум, на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“.

Во текот на утрешниот ден министерката Петровска ќе учествува на работна вечера на министрите за одбрана на НАТО земјите членки, на која ќе присуствува и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Сифет Поджиќ, на која ќе се разговара за влијанието на хибридните закани во земјите од Западен Балкан.

На претстојниот Самит на НАТО главна тема ќе биде усвојувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО кој ќе биде патоказ во наредните десетина години, базирајќи се на новата безбедносна реалност, а со цел прилагодување на промените во светот за зачувување на безбедноста на своите над една милијарда граѓани. На самитот ќе се дискутира и за зајакнување на капацитетите за одвраќањето и одбраната, за апликациите на Шведска и Финска, за идната поддршка на Украина, за безбедносни прашања на денешницата и за останати важни прашања со кои се соочува Алијансата.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2022 14:19