Европа и САД го забранија увозот на руска нафта за да го прекинат клучниот извор на приходи за Кремљ. Но, планот да му се нанесе болка на претседателот Владимир Путин и да се промени курсот на инвазијата на Украина не успеа.

Русија заработува исто толку пари од извозот на енергија колку што добиваше пред да почне со инвазијата на Украина на крајот на февруари. Во меѓувреме, инфлацијата во светот расте и врши зголемен притисок врз многу лидери, како американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и францускиот претседател Емануел Макрон.

Лидерите на водечките економии се собраа во неделата во Германија на состанок на Г7, на кој ќе се обидат да се договорат што понатаму. Но, се чини дека немаат многу простор во однос на нафтата.

Тие разговараат за неколку мерки, од ценовно ограничување на увозот на руска енергија до централизирано купување од страна на Европската унија, забрана за осигурување на бродови што превезуваат нафта и слично. Сите овие мерки имаат свои недостатоци, а некои од нив може да доведат до дополнително зголемување на цените, што може да доведе до тоа јавноста да престане да ја поддржува одлуката за санкции против Русија.

– Има достапни алатки, но тие можат да предизвикаат значителни трошоци за потрошувачите во Европа и САД, вели политикологот Роберт Џонстон од Центарот за глобална енергетска политика.

Воведувањето санкции против земјите кои набавуваат големи количества руска сурова нафта, вклучувајќи ги Кина и Индија, би предизвикало пустош на глобалните пазари, кои и онака се под голем притисок. И додека министерката за финансии Џенет Јелен неодамна рече дека Соединетите Американски Држави сакаат да разговараат за ограничување на цената на руската нафта, таков сложен механизам можеби нема да биде решението што Западот го бара.

– Тоа го нарушува пазарот во време кога пазарот сигурно треба добро да функционира, а има премногу начини за тоа да се заобиколи, истакна Џонстон.

Русија и натаму заработува

САД, Велика Британија и Канада најавија забрана за увоз на руска нафта. Уште поважно, Европа ќе го стори истото, односно ќе го прекине увозот на руска нафта по морски пат. Западот вели дека забраната ќе важи за 90 отсто од увозот на нафта во Русија до крајот на годината.

Европските купувачи веќе се повлекоа. Извозот на руска нафта во Европа во мај падна на 3,3 милиони барели дневно. Но, зголемувањето на рускиот извоз во Азија неутрализираше голем дел од таа загуба. Кина, користејќи големи ценовни попусти, првпат достигна два милиони барели дневно. Порасна и индискиот увоз, кој во мај се движеше до 900.000 барели дневно.

– Ние сме активно ангажирани во пренасочувањето на нашите трговски текови и надворешни економски контакти кон доверливи меѓународни партнери, првенствено земјите од БРИКС, рече Путин во средата, мислејќи на економиите во развој, како Бразил, Индија, Кина и Јужна Африка.

Русија ја продава својата нафта Урал за околу 35 долари барел поевтино од светскиот бренд Брент, кој последен пат се тргуваше близу 113 долари за барел. Но, бидејќи цените нагло се зголемија оваа година поради пандемијата и војната, сè уште заработува многу пари.

Приходите од извозот на руска нафта се зголемија за 1,7 милијарди долари во мај, на околу 20 милијарди долари. Тоа е многу над просекот во 2021 година од околу 15 милијарди долари.

Кои мерки преостануваат?

За да го отежне натамошниот увоз на руска нафта за Кина, Индија и другите земји, Европа има намера постепено да воведе забрана за осигурување на бродовите што ја превезуваат. Ако Обединетото Кралство се приклучи на таа одлука, тоа ќе му нанесе удар на глобалниот систем за транспорт на гориво, со оглед на доминацијата на Лојдс од Лондон на осигурителниот пазар. Администрацијата на Бајден е нервозна бидејќи мерката ќе предизвика скок на цените.

Мај Роснер, непрофитна активистка за Глобал Витнес, сепак, верува дека западните земји мора да одат чекор понатаму за да ја отстранат руската нафта од пазарот, бидејќи секое одложување им дава време на учесниците на пазарот да смислат креативни начини за заобиколување на правилата.

– Овие поединечни санкции оставаат дупки за експлоатација на индустријата за фосилни горива, рече Роснер.

САД, со поддршка на Европа, би можеле да воведат таканаречени секундарни санкции насочени кон земјите кои продолжиле да соработуваат со Русија, како што направија со Иран и Венецуела. Владата на САД не ја исклучи можноста за ваков потег.

Но, тоа би создало толку многу превирања меѓу земјите што експертите веруваат дека тоа е малку веројатно да се случи.

Ако Кина и Индија треба да најдат барели за замена, цената на нафтата лесно може да надмине 200 долари за барел, според Дарвеи Кунг, менаџер на портфолио за стоки во DWS. – Тешко дека ќе се случи САД да воведа „такви) санкции против Иран и Венецуела и Русија во исто време, рече Џонстон. -Нафтата мора да дојде од некаде.

Бајден се повеќе нагласува дека борбата против рекордната инфлација во 40 години е главен приоритет пред изборите во ноември.

Макрон, кој неодамна го загуби апсолутното мнозинство во парламентот, што го имаше во време на својот прв мандат, вети дека ќе се справи со растечката криза на трошоците за живот, додека Џонсон од Велика Британија – кој претрпе два огромни порази на дополнителните избори минатата недела – назначи „Деловен цар на трошоците на животот“ да работи со приватниот сектор на можни решенија.

Ограничувањето на цената на руската сурова нафта е едно од решенијата за кои се разговара. Тоа би значело дека Русија нема да биде целосно отсечена од пазарот, туку би била принудена да продава нафта по толку евтина цена што не би можела да профитира.

– Ограничувањето на цената ќе ја намали цената на руската нафта и ќе ги намали приходите на Путин, а истовремено ќе овозможи повеќе залихи на нафта да стигнат до глобалниот пазар, изјави минатата недела американската министерка за финансии Џенет Јелен.

Земјите како Германија се отворени за разгледување на оваа опција. Но, не е јасно како Западот може да води таква политика или како да ги принуди земјите како Кина и Индија да се согласат со тоа.

Владите на Запад исто така би можеле да се обидат да ги ублажат ограничувањата со зголемување на понудата или оставајќи ги цените да бидат толку високи што побарувачката почнува да паѓа. Но, ниту едното, ниту другото е едноставно да се направи.

Некои земји од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) имаат капацитет да го зголемат производството, а Бајден планира да ја посети Саудиска Арабија следниот месец за да ги зајакне односите со таа земја. Но, голем дел од капацитетот на земјите извознички на нафта веќе е максимално искористен.

Во случај на глобална рецесија, делумно поради високите цени на горивата, побарувачката за енергија ќе падне, по што цените ќе почнат сами да се намалуваат. Но, тоа би бил многу болен процес и би вклучувал губење на работни места и економска штета, особено за семејствата со пониски приходи.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2022 15:22