Во мај во Албанија влегле милион странски и албански државјани, што е раст од 77 отсто споредено со истиот месец минатата и за околу 20 отсто од рекордната 2019 година, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Статистиката покажува дека меѓу земјите од кои влегле повеќе луѓе е Грција со речиси петпати повеќе. По укинувањето на рестрикциите од грчка страна, албанските иселеници почнаа да ја посетуваат својата татковина. Истиот тренд е и за Италија со 30 илјади повеќе патници годинава, пренесува Топ чанел.

Исто така и кај Британците има силен раст со 10 илјади повеќе од пред една година. Нив ги привлекуваат фестивалите што се одржуваат во Албанија од југ до север на земјата.

– Продолжува патриотскиот туризам со 100 илјади Албанци од Косово повеќе. Со оглед на тоа што земјите од Отворен Балкан, Македонија, Црна Гора и Србија продолжуваат да го зголемуваат протокот, 20 илјади граѓани повеќе пристигнале од Македонија, речиси 14 илјади од Црна Гора, додека од Србија во текот на мај дошле вкупно околу 7.200 туристи, наведува телевизијата.

Што се однесува до периодот јануари-мај вкупно има 3,45 милиони луѓе кои влегле во земјата, што се приближува до рекордната 2019 година, кога во земјава влегле 3,5 милиони луѓе.

Во однос на начинот на превоз на патници, трендот на раст јасно се гледа кај авионскиот превоз, каде што во текот на мај има зголемување за 180 отсто во однос на мај минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2022 13:12