Македонската ракометна репрезентација вчеравечер ја победи Турција со 31:22 и ги зачува шансите за пласман во полуфиналето на Медитеранските игри во Алжир.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров победата ја обезбедија со извонредна игра во второто полувреме во кое постигнаа 18, а примија 10 гола.

За пласман на Македонците во полуфиналето и можност да се дојде до медал, потребно е вечер Шпанија која е апсолутен фаворит во Б-групата, да го победи домаќинот Алжир.

Натпреварот кој одлучува за судбината на „црвено-жолтите“ е закажан за вечер во 20:15 часот.

Секој друг исход освен победа на Шпанија ќе значи трето место за македонската репрезентација и борба за пласман на петтата позиција на Игрите во Оран.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2022 09:13