Пејачката, текстописец и добитничка на „Греми“ за хитот „I Try“, Мејси Греј привлече лавина забелешки за нејзините коментари околу трансродовата заедница.

Во интервјуто во „Шоуто на Пирс Морган – без цензура“, музичарката говореше за „збунувачката состојба“ на родовиот идентитет – конкретно околу употребата на небинарните заменки на англискиот јазик. Иако се согласи со Морган за поддршката на правата на трансродовите лица за „праведност и еднаквост“, таа се смета и дека на трансродовите жени „родени во очигледно супериорни физички тела“ треба да им се забрани да се натпреваруваат против биолошките жени во спортот.

– Целосно се согласувам. Ќе го кажам ова и сите ќе ме мразат… Но, како жена, самото тоа што сте промениле дел од телото, не Ве прави жена. Извинете!, истакна соул-џез пејачката.

Таа вели дека ќе го почитува сечиј идентитет.

– Ако сакаш да те наречам „таа“/„неа“, ќе го направам тоа, бидејќи тоа е она што го сакаш, но тоа не те прави жена само затоа што те нарекувам така и само зашто си оперирал, нагласи Греј, додавајќи дека ова не значи дека таа е „трансфобична“, ако некој не се согласува со тоа.

Греј рече дека нејзините ставови произлегуваат од личното искуство со полот и „целосно уникатното искуство“ од растењето, како млада жена, за кое смета дека мора да се живее за да се постигне женственост.

По критиките на интернет, Греј подоцна појасни дека е поддржувач на ЛГБТ-заедницата и борбата за нивните права.

„Немам ништо друго освен љубов кон ЛГБТ и трансродовите заедници. Јас сум нивен поддржувач уште од првиот ден и никогаш не лажам и не се преправам. Мојата изјава кај Пирс Морган беше ГРОЗНО погрешно разбрана. Го почитувам сечие право да биде кој и да сака да биде“, напиша таа на Твитер денеска.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2022 11:42