Пол Сорвино, можеби најпознат по улогите во филмот „Добри момци“ и телевизиската серија „Закон и ред“, почина на 84-годишна возраст.
Публицистот на глумецот, Роџер Нил потврди дека тој починал од природна смрт денеска во американската сојузна држава Индијана. Смртта на актерот ја потврди неговата сопруга Ди Ди.
– Нашите срца се скршени, никогаш нема да има друг Пол Сорвино. Тој беше љубовта на мојот живот и еден од најголемите изведувачи што некогаш ги красел екранот и сцената, изјави таа за „Холивуд рипортер“.
Роден во Бруклин во италијанско-американско семејство, Сорвино почнал да глуми додека студирал на Американската академија за музика и драма во Њујорк. Првично се надевал дека ќе стане оперски пејач. По своето деби на Бродвеј во мјузиклот „Бажур“ во 1964 година, следеше и неговиот прв филм „Каде е папа?“ (Where’s Poppa?).
Сепак, неговата најпозната улога е е онаа од 1990 година, во гангстерскиот еп на Мартин Скорсезе – „Добрите момци“. Таму го глуми Пол Цицеро, лик заснован на мафијашот од вистинскиот живот, Пол Варио.
Пол Сорвино имаше три деца, меѓу кои и оскаровкката Мира Сорвино, која на својот татко му го посвети својот „Оскар“ за „Моќната Афродита“ од 1995 година.