Поранешниот македонски репрезентативец, Крсте Велкоски се врати во Работнички откако ова лето го напушти Сараево.

Крсте Велкоски потпиша договор со Работнички и треба да биде големо засилување за составот на Љупчо Маркоски.

Тој третпат во кариерата ќе игра во Работнички, првиот пат беше 2006-2008, вториот 2011-2013.

„Се чувствувам многу среќен, затоа што се вратив дома. Тоа е секогаш посебно чувство. Емоциите кон Работнички секогаш се максимални, верувам дека ќе му помогнам на тимот да ги оствари целите во претстојната сезона“, вели Крсте Велкоски.

Тој во кариерата играше и за Металург, Кахлаул (Романија), Енозис (Кипар), Инчеон (Јужна Кореја), Након Рачасима (Тајланд) и Сараево (БиХ).

Извршниот директор на клубот, Иван Поповски, вели дека Работнички веднаш реагираше откако увиде дека Велкоски е слободен агент, по заминувањето од Сараево.

„Крсте Велкоски во својата ДНК го има Работнички. Не размислувавме ниту момент дали треба да го вратиме во клубот. Неговото враќање е од непроценливо значење. Тој ќе донесе голем квалитет во тимот на Љупчо Марковски, но исто така ќе биде и лидер и ќе им го покаже патот кон европските височини на младите фудбалери. Работнички и понатаму не отстапува од својата стратегија за форсирање на млади и талентирани фудбалери, а токму Крсте Велкоски треба да ги предводи со своето искуство“, вели Иван Поповски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2022 03:29