Претседателот на фудбалскиот гигант Барселона, Жоан Лапорта, рече оти би сакал Аргентинецот Лионел Меси да ја заврши кариерата во каталонскиот клуб.

Откако дел од шпанските медиуми објавија претходно дека тренерот на Барселона, Чави Ернандез, побарал од клупското раководство да ја разгледа можноста за враќање на Аргентинецот, Лапорта појасни дека, засега, тоа е само желба која би сакал да се оствари. Лапорта додаде дека сè уште не е отпочната каква и да е процедура по тоа прашање.

– Времето на Меси во Барса не заврши на начин како што сакавме, објасни Лапорта, мислејќи пред сè на „економските причини“ кои доведоа аргентинскиот фудбалер по 16 години на „Камп Ноу“ да замине од клубот и да потпише со ПСЖ.

– Мислам дека Барса има морален долг кон Меси. Би сакале да ја заврши кариерата во Барселона и да добие овации на сите полиња. Се надеваме дека таа желба ќе ја преточиме во стварност, изјави Лапорта.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2022 14:09