Фудбалерот на Челзи, Жоржињо, изјави за италијански „Скај спорт“ дека дефанзивецот од Сенегал, Калиду Кулибали, е големо засилување за премиерлигашот од Лондон.

Челзи неодамна на Наполи му плати 40 милиони евра за услугите на Кулибали, а Жоржињо добро го познава сенегалскиот фудбалер со кого четири години настапуваше во клубот од Неапол.

– Мислам дека Кулибали е многу, многу важно засилување за Челзи. Тој не е само одличен фудбалер, тоа ни е познато на сите, туку ќе ни помогне и надвор од теренот, во соблекувалната. Тој е одлично момче, изјави Жоржињо.

Бразилецот со италијански пасош призна дека имал голема улога во одлуката за трансферот на Кулибали.

– Му испратив неколку пораки и неколку пати телефонски разговаравме. Му реков „Ајде, зошто уште чекаш. Мораме повторно да играме заедно, а немаме уште многу време“, додаде Жоржињо.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2022 03:48