Фудбалерите кои настапуваат во Премиер лигата во иднина ќе клечат пред почетокот на натпреварите само во исклучителни околности, јавија денеска британските медиуми.

Според истите извори, капитените на екипите од елитниот ранг на англискиот фудбал постигнале согласност овој чин со кој се изразува солидарност во борбата против расизмот во иднина да биде применуван само на важни натпревари или датуми во годината.

Договорено е тоа да бидат натпреварите од првото и последното коло, на Боксинг деј, во финалињата на ФА и Лига купот, како и во седмиците од кампањата „Нема место за расизам“ во октомври и во март.

– Одлучивме да избереме значајни моменти пред натпреварите во текот на сезоната за да го покажеме нашето единство во борбата против сите облици на расизам. Со овој чин продолжуваме да ја покажуваме нашата солидарност за остварување на заедничката цел, се наведува во заедничкото соопштение на премиерлигашките клубови.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2022 03:41