Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер денеска ги претстави словенечкиот голман Урбан Лесјак и португалскиот среден бек Вилсон Дејвис за свои нови засилувања.

– Кога стигна опцијата за Битола веднаш ми беше интересна. Градот го знаев бидејќи играв тука со Хановер, Филип Кузмановски ми кажа многу убави зборови за клубот, градот, организацијата, сопственикот и засега сè функционира супер и едвај чекам да почнат натпреварите, изјави за клупскиот сајт голманот на словенечката ракометна репрезентација.

– Имаме добар ростер, имаме луѓе зад нас во клубот кои добро работат и верувам дека ова е добар проект, додаде Лесјак, кој последните четири години го бранеше голот на бундеслигашот Хановер.

Редовите на битолскиот прволигаш од новата сезона ќе бидат посилни и за средниот бек на португалската репрезентација Вилсон Дејвис, кој дојде во редовите на Еурофарм Пелистер по три сезони минати во францускиот прволигаш Иври.

– Можноста да дојдам тука ми ја понуди мојот менаџер, кој ми ја претстави идејата на клубот да конструира силен тим за да ги освои домашните трофеи. Тоа ме заинтересира многу и не беше тешко да се одлучам да потпишам за овој клуб, изјави Дејвис за официјалниот сајт на Еурофарм Пелистер.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2022 13:22