Баерн Минхен најави серија мерки со кои германскиот фудбалски првак ќе даде свој придонес во справување со енергетската криза која и се заканува на Германија, јавија денеска локалните медиуми.

Според весникот „Спорт Билд“, раководството на Баерн донело одлука светлата на стадионот „Алијанц Арена“ да бидат вклучени само три часа во текот на ноќта, а загревањето на теренот ќе се префрли од гас на пумпи со врел воздух кои струјата ќе ја произведуваат преку соларните панели поставени на кровната конструкција на стадионот.

Работата на клима уредите, исто така, ќе биде редуцирана, а ВИП ложите ќе се разладуваат и затоплуваат само кога корисниците однапред ќе најават дека ќе ги користат.

Во тоалетите на стадионот посетителите ќе можат да користат само студена вода.

-Веќе подолго време работиме на намалување на потрошувачката на електрична енергија. Соочени со актуелната криза овие активности ги интензивиравме, изјави финансискиот директор на Баерн, Јан – Кристијан Дрезен.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2022 14:35