Израел денеска соопшти дека неговата војска го нападнала Појасот Газа и прогласи „специјална ситуација“ по неколкудневната тензија поради апсењето на екстремист на друга палестинска територија, окупираниот Западен Брег.

Палестинското Министерство за здравство информира дека во нападот загинале четири лица, меѓу кои и едно петгодишно девојче, а најмалку 15 се ранети. Убиен е и командантот на Исламскиот џихад во Газа Таисир ал Џабари. Во градот Газа се слушнала експлозија, а на седмиот кат од висока зграда е забележан чад.

Израелската армија претходно оваа недела ги затвори патиштата околу Газа и испрати засилување на границата во очекување на напад по апсењето на истакнат член на Исламскиот џихад на Западниот Брег. Денеска училиштата се затворени, а другите активности се ограничени во местата до 80 километри од границата.

Војската објави дека нејзина цел е Исламски џихад во рамките на операцијата „Зора“.

Израел и Хамас, кој е на власт со Појасот Газа, војуваа четири пати, а помали судири избувнаа неколку пати во последните 15 години откако Хамас ја презеде власта од силите лојални на ривалот, поумерениот Фатах.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2022 02:57