Даворин Боговиќ, првиот вокал и еден од основачите на еден од најпопуларните поп-рок состави во поранешна Југославија, загрепско „Прљаво Казалиште“, на 17 август ќе одржи концерт во Битола, кој е и негов прв настап во земјава.

Даворин Боговиќ на ракометното игралиште во Битола ќе го донесе својот црно-бел свет, каде на задоволство на сите ќе ги отпее хитовите кои го одбележаа југословенскиот new wave: „ Mi plešemo“, Crno-bijeli svijet“, „Sve je lako kad si mlad“ и десетици други песни кои ги знаат неколку генерации од овие простори.

-На 17-ти август конечно ќе имам концерт во Битола. Во Битола претходно бев со театарска претстава, но ова е она вистинското. Ви ветувам добра свирка и забава. Почнуваме со старите хитови како „Mi plešemo“, Crno-bijeli svijet“, „Sve je lako kad si mlad“… па се до поновите како „Moja voljena“, „Niz brdo od ljubavi“, „Ljubav vjerna kao pas“. Се радувам на скорото доаѓање ! Дојдете да се дружиме во што поголем број, вели Даворин пред концертот во Битола.

Атмосферата ќе ја загрева метал сензацијата од крајот на деведесеттите и почетокот на милениумот, една од најдобрите македонски метал групи ФАЏ (FUDGE), кои повторно се враќаат на сцената со концертни настапи.

„Сцена“ продукција со концертот на Даворин во Битола ќе го одбележи својот втор роденден. Влезниците се веќе во продажба преку продажната мрежа на www.mktickets.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2022 13:55