Албанија ја достави до Советот на Европа резолуцијата против извештајот на Дик Марти во која за неосновани се сметаат тврдењата за нелегална трговија со органи во Косово и Албанија, за време на косовската војна, јави Еј-би-си њуз.

Резолуцијата беше усвоена од страна на албанскиот парламент на 21 минатиот месец со 125 гласови „за“. Во неа стои дека тврдењата наведени во извештајот на Дик Марти и по 10 години истрага не се докажани и не се засноваат на факти.

-Согласно резолуцијата одобрена од Парламентот на Албанија, на 21 јули 2022 година, тврдењата изнесени во извештајот на Дик Марти за убиства на луѓе заради вадење и продажба на нивните органи и илегална трговија со човечки органи во Албанија и Косово, кои се наведени во ставовите 1 и 4 од Резолуцијата 1782 (2011) на Советот за безбедност, по повеќе од десет години длабински истраги од страна на Специјалните истражни сили на ЕУ и нејзиниот наследник, Канцеларијата на специјалниот обвинител, остануваат недокажани и незасновани на докази и факти и затоа треба да се гледаат како такви од сите национални и меѓународни институции, стои во белешката упатена до Советот на Европа.

Исто така се бара од Парламентарното собрание на Советот на Европа да подготви нов извештај.

-Во вербалната нота на мисијата на Албанија во Советот на Европа, се наведува дека резолуцијата на Собранието на Албанија бара од Парламентарното собрание на Советот на Европа да направи последователен извештај и да ја преразгледа Резолуцијата 1782 (2011), со преоценување на обвиненијата за нелегална трговија со човечки органи во Албанија и/или Косово, додава Еј-би-си њуз.

Постојаната мисија на Албанија бара постојаните претставништва на земјите-членки и набљудувачите во Советот на Европа да ја пренесат до „нивните надлежни државни органи Резолуцијата за неоснованите обвинувања за нелегална трговија со човечки органи на Косово и Албанија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/08/2022 14:25