Велика Британија ќе донесе втор бран на прогласување „нон грата“ на политичари, бизнисмени и сите оние кои го поткопуваат владеењето на правото во Албанија, најави новиот британски амбасадор, Аластер Кинг-Смит , кој во интервју за Топ чанел рече тоа ќе се случи до крајот на годинава.

Високиот дипломат додаде дека имињата, како и до сега не се објавуваат поради некои правни причини.

-Повеќе за ова ќе видите подоцна оваа година и понатаму. Ова ќе биде нешто што ќе стане рутина. Штом ќе излезат на виделина докази, извештаи од новинари или други, ќе видиме какви активности ќе преземеме за да помогнеме на конечната цел да се стави крај на неказнивоста, рече меѓу другото амбасадорот.

По информацијата дека Велика Британија прогласила албански државјани за непожелни, на 22 минатиот месец, единствено поранешниот претседател и експремиер Сали Бериша за јавноста соопшти дека е еден од нив.

Бериша рече дека оваа вест му била соопштена преку писмо од министерот за внатрешни работи, каде што се нагласува дека ваквата одлука е донесена поради „јасни врски со организирани криминални групи и криминалци, кои претставуваат опасност за јавната безбедност во Албанија и Обединетото кралство“ и дека е подготвен да ги искористи овие врски за да ги унапреди неговите политички амбиции, како и за корупција. Тој, во мај минатата година, беше прогласен за непожелен и од САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2022 04:55