Со повлекувањето на водата поради долготрајната суша, езерото Мид кај Лас Вегас ги открива своите мрачни тајни. Полицијата на исушеното дно пронаоѓа се повеќе остатоци од човекови тела, објави „Си-Ен-Ен”.

Властите годинава во пет наврати пронашле човечки остатоци во езерото, од кои три на плажата Свим Бич. Засега не е познато чии се остатоците, ниту дали припаѓаат на едно или повеќе лица. Погребалната служба во областа Кларк се обидува да го даде одговорот на тоа прашање.

Последното откритие се случи во понеделникот вечерта. Претходно во три наврати беа пронајдени остатоци од човеково тело, по што е спроведена истрага при што се откриени уште шест човечки коски.

Од акумулацијата Мид со вода за пиење се снабдуваат 20 милиони луѓе во областа што се протега од Лас Вегас до Лос Анџелес. Нивото на водата во неа почна да опаѓа во 2000 година, а ситуацијата се влошува со зачестените сушни периоди. Сега водата во акумулацијата е на ниво најниско од 1937 година.

Лас Вегас што се наоѓа во близина на акумулацијата гледано историски беше засолниште за криминалот, така што се верува дека многу непријатели на мафијата завршиле во длабоките езерски води.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/08/2022 09:48