Зградата на општината, градското осветлување и неколку објекти под надлежност на општина Гостивар синоќа беа без струја. Прекинот го направиле од компанијата снабдувач со електрична енергија. Од локалната самоуправа појаснуваат дека причината е должината на процедурата за плаќање.

По синоќешните реакции на граѓаните дека улиците се без улично осветлување и градот со околните населби потона во мрак, МИА се обрати до надлежните и утрово доби одговор со појаснување.

– Општина Гостивар вчера ги исполни сите финансиски обврски кон добавувачот на електрична енергија со кој имаме склучено договор. Процедурата која е вообичаена при трезорското плаќање придонела за настанување на проблемот. Тој е надминат и ги уверуваме граѓаните дека улично осветлување ќе има, наведуваат од општина Гостивар.

Компанијата ЕДС, која ја обезбедува електричната енергија за зградата на општината, градското осветлување и неколку објекти под надлежност на локалната самоуправа, поради заостанат долг, вчеравечер го прекина снабдувањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2022 13:38