На 81-годишна возраст денеска во Скопје почина Невена Кочовска, вокалистката во групата „Мањифико“.
Веста за нејзината смрт ја објавија членовите на семејство и колегите на социјалните мрежи.
Невена Кочовска и нејзиниот сопруг Пантелеј Кочовски-Панче беа дел од групата „Мањифико“, која беше позната по обработките на латино-американските хитови, но и староградски македонски песни. Таа беше мајка на пејачките Тања и Лидија Кочовски.
Последен пат Невена и Панче заедно со ќерките настапија во февруари 2017, кога со изведба на мексиканската песна „Мама Хуанита“ беше одбележано признанието „Златна Буба Мара“ за животно дело на ансамблот „Мањифико“.
Групата имаше гостувања во многу земји, снимија голем број албуми, а нивните изданија се продаваа во сребрен или златен тираж. Ансамблот имаше кариера која траеше цели три децении, се до 1990 година. Ансамблот бил формиран во 1959 година и постоел до 1990 година. Го формирале Пантелеј Кочовски-Панче и Крсто Таушанов, ученици во Средното музичко училиште во Скопје, додека биле на младинска работна акција во Демир Капија, најужната делница од автопатот Братство-Единство за да настапат на приредба. Од бригадирите им се придружил Сергеј Поповски, гитарист, исто така, ученик во Музичкото училиште. Набргу, на местото на Сергеј доаѓа Димитар Томов-Митко, одличен гитарист и вокал, а следната 1960 година, во Музичкото училиште ја откриваат Невенка Арсова и нејзиниот раскошен алт. Таа година квартетот го добива името „Мањифико“.
Тито го канел „Мањифико“ да настапува пред дипломатскиот кор во тогашната СФРЈ, а мексиканскиот претседател им подарил оригинални мексикански носии за настапите. На четворката, по 10 години ѝ се приклучува и извонредниот гитарист и пејач Петар Галев. Во „Мањифико“ во одредени периоди значајно учество имале и Јане Коџабашија, Миле Лукаров и Миле Барбаровски. Во текот на 31- годишното постоење „Мањифико“ настапила во 37 земји на сите континенти, имала 3.700 концерти и 600 добротворни настапи, кои ги посетиле преку 7 милиони гледачи. И дискoграфската продукција на „Мањифико е импозантна“: 28 мали грамофонски плочи, 5 албуми, 4 аудио касети, 1 видеокасета, 3 аудио компакт дискови и 1 DVD, речиси сите продадени во златен или сребрен тираж.
Радиостаниците за „Мањифико“ емитувале 192 емисии, а на 16 ТВ станици се снимени 140 полчасовни и едночасовни шоу програми. Нивниот концертен репертоар е составен од 320 песни, најмногу од латиноамериканско и шпанско поднебје, но и од светски евергрини, како и македонски староградски бисери.