Почина последниот припадник на бразилското староседелско племе во домородната област Танару, во сојузната држава Рондонија, кое немало контакт со другата цивилизација. Ова во саботата го соопшти бразилската Национална агенција за заштита на домородното население – ФУНАИ.

На 23 август, службеници на ФУНАИ го пронашле телото на мажот во лежалка во кабина. Немало знаци на борба, насилство или присуство на други луѓе.

„Тој починал од природна смрт, а неговото тело ќе биде дадено на вештачење“, соопшти Агенцијата.

Познат како „Човекот од дупката“, тој последниве 26 години одбиваше контакт со други луѓе и живееше во целосна изолација во Танару, длабоко во бразилска Амазонија. Прекарот го добил поради неговата навика да прави длабоки дупки за да се скрие, но и да лови животни.

Се претпоставува дека остатокот од неговото племе можеби бил убиен во поголем број судири со сточари и дрвосечачи во 1980-тите и 90-тите, врз основа на сличниот случај со друго изолирано племе во истата област.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2022 12:36