Субвенции за летови ќе има според правилата за државна помош на Европската унија. Министерството за транспорт и врски до Владата достави нова уредба со која дефинираше нов модел за распределба на финансиска поддршка за авиолинии, информира во интервју за МИА министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

-Ќе може да се вклучат што е можно повеќе оператори и да не се врзуваме само за еден. Исто така го ограничуваме интензитетот на субвенционирање како што налага и бара Европската комисија, се со цел да овозможиме што повеќе дестинации за граѓаните и да го развиеме авиосообраќајот, вели Бочварски.

Тој очекува јавниот меѓународен повик да биде објавен во текот на есента и на него да се пријават поголем број заинтересирани компании.

Предност ќе имаат авиокомпаниите што ќе понудат поголеми воздухоплови, директни линии до поголеми аеродроми и повеќе летови неделно. Во договорот ќе стои дека операторот ќе треба да ги опслужува линиите и по истекот на договорниот рок за период колку што добивал државна поддршка. Министерството за транспорт и врски подготви и до Владата достави нова уредба за распределба на финансиска поддршка за авиолинии. Што предвидува уредбата?

-Како Министерство за транспорт и врски во текот на изминатите месеци работевме на креирање на уредбата заедно со повеќе институции. Многу ми е драго што уредбата веќе ја комунициравме со Европската комисија и оттаму добивме зелено светло, но и заради тоа што таа е конкретизирана на аспектот да вклучи што е можно повеќе оператори, да не се врзуваме само за еден. Го ограничуваме интензитетот на субвенционирање како што налага и бара ЕК како ограничување на финансиската поддршка што ќе ја даде една држава на оператори за да вршат одредени летови. Драго ми е што најдовме модел и решение и заради тоа што ова е комплетна транспарентна постапка во која што веќе пред донесувањето ги вклучивме сите институции и страни што се клучни за да донесеме уредба со која што ќе пристапиме кон отворање нови можности за граѓаните. Веќе ја доставивме до Владата, во текот на наредните недели ќе разговараме со законодавство и сите останати институции што ќе треба да дадат мислење по што ќе биде на усвојување на владина седница. По усвојувањето од страна на Владата ќе бидеме подготвени да формираме и комисија и да го распишеме повикот преку кој ќе бараме поддршка. Моите очекувања се дека веќе во текот на оваа есен ќе бидеме подготвени да го распишеме јавниот меѓународен повик на којшто очекуваме поголем број заинтересирани компании бидејќи овој пат нема да биде клучно да се поврземе со една компанија, туку со повеќе. Што беше причината да се промени модел на субвенционирање со оглед на вашите изјави дека дава резултати?

-Апсолутно можам да потенцирам дека во делот на бројките за превезени патници на двата аеродроми 2019-та беше најсилна година со 2,7 милиони патници, што ни дава за право да веруваме дека политиките што ги водевме беа исправни и од тој аспект дека треба да продолжиме со давање поддршка на компании што ќе се јават за да ги вршат овие летови. Пандемијата, за жал, го направи своето и бројот на патници во 2020 падна на под 800 илјади на двата аеродрома, 2021 бројката веќе беше поголема, а очекуваме годинава да достигне над 2 милиона или да се доближи до резултатите од 2019. Министерството за транспорт и врски како мотор на овие политики во државата ја креира оваа нова мерка и политика токму поради транспарентноста пред се и заради вклучување на повеќе оператори. Секако дека граѓаните имаа многу можности и поддршка и со досегашниот договор што веќе не е во сила поради истекувањето со актуелната компанија, но сакаме нашите два аеродроми да ги развиваме, да го задржат нивото на развој. Политиките и понатаму ќе ги креираме во согласност со препораките на Европската комисија, како и да привлечеме што е можно повеќе оператори. Ако креираме мерки и политики со кои ќе привлечеме повеќе оператори да оперираат од нашите аеродроми, тоа ќе биде добро и за државата и ќе се отворат и други дестинации заради тоа што веќе ќе бидат присутни на нашиот пазар. Секогаш е подобро кога ќе се вклучат повеќе можности, опции и оператори на нашиот пазар.

Ги прифаќаме европските правила за државна помош, а ние како држава го зголемуваме капацитетот на авиосообраќајот. Се менува моделот, нема да се фокусираме на една авиокомпанија, туку на отворање поголем број дестинации со тоа што се овозможува да конкурираат поголем број авиокомпании. Предност ќе имаат тие што ќе понудат поголеми воздухоплови, директни линии до поголеми аеродроми и повеќе летови неделно.

Врз основа на што го креиравте новиот модел, користевте ли искуства од други држави?...

Ова е решение кое го креиравме најпрвин поради отворањето нови можности за граѓаните, но и го подобруваме и претходното за да се вклучат што е можно повеќе оператори. Во критериумите да бидат тие да оперираат на главните, поголемите аеродроми, посебно во поголемите градови, големината на воздухопловот и местата што се слободни за патниците. Сите овие критериуми ќе бидат вградени за да можеме ние односно комисијата што ќе го спроведува процесот да има јасни критериуми кој е тој оператор што ќе добие предност доколку на една иста дестинација се јават два или три оператори. Пред се, клучно за нас ќе биде дестинацијата, отворањето на нови можности и тие да бидат подготвени во овие години да ја опслужуваат авиолинијата, но и дополнително уште толкав период по завршувањето на договорот да се обврзат дека ќе оперираат на неа. Дали веќе сте разговарале со претставници на авиокомпании за овие планови и каков интерес очекувате?

Заинтересираност секогаш има. Мене ми е драго што авиосообраќајот веќе се враќа на патеките пред пандемијата. Откако ќе се отвори повикот и сите критериуми и она што го нуди државата ќе ги објавиме пред јавноста, но секако ќе бидеме подготвени по објавувањето на повикот да разговараме со сите што ќе бидат заинтересирани. Најпрвин нас не интересира колку ќе има заинтересирани авиокомпании, а потоа секако е важно да видиме кој од другата страна ќе биде подготвен да учествува на повикот со вакви критериуми.

Кои се вашите очекувања за граѓаните како крајни корисници на услугите што треба да ги овозможат операторите што ќе добиваат финансиска поддршка?

Клучно за мене е граѓаните да видат бенефит, сите мерки и политики што ги правиме да допрат до нив. Јас сум убеден дека преку овие политики што ги креираме ќе се отворат повеќе можности за граѓаните, ќе има повеќе евтини билети за граѓаните кои ќе ги користат аеродромските услуги и нашите аеродроми за патување во останатите земји. Но, секако од друга страна клучно е сите овие средства што ќе ги ставиме на располагање да се искористат за да на крај граѓанинот го види бенефитот од целата оваа политика што ја креираме. За мене е многу важно дека гледајќи ги бројките од минатите години секако и оваа, убеден сум дека 2023 година ќе биде посилна и од 2019-та што досега важеше за рекордна година со 2,7 милиони патници, доколку нормално не се случи повторно некаква пандемија или последица од друга криза. Моторот на овие промени и поддршката што ќе се даде ќе биде Министерството за транспорт и врски заедно со Агенцијата за цивилно воздухопловство и операторот на двата аеродрома – ТАВ Македонија, за да заеднички продлжиме со развој на авиосообраќајот, а со тоа и да отвориме што е можно повеќе дестинации за нашите граѓани.

Ќе има ли ограничувања за профилот на авиокомпаниите што ќе може да се пријават на повикот?

Се ќе биде дефинирано во уредбата, но со оглед дека се уште не е донесена од Владата не би сакал да споделам повеќе детали, можеби нешто ќе биде променето во тек на консултациите. Критериуми ќе има секако. Очекуваме да имаме соработка со сериозни компании кои сериозно ќе ја сфатат својата работа и секако доколку државата дава поддршка очекуваме сериозен партнер од другата страна што ќе ја оправда поддршката и довербата. Критериумите ќе бидат поставени на оптимално ниво за да добиеме и квалитетни компании, тие да оперираат со што е можно поголеми воздухоплови на главните аеродроми, што ќе биде предност при конкурирањето на повикот. Што е со средствата за финансиска поддршка што беа предвидени за годинава?

Моделот на субвенционирање авиолинии во државава се применува од 2012 година. Во 2012 година на операторот со којшто беше склучен договорт му се исплатени 25,6 милиони денари, во 2013 година 75,4 милиони, а 135 милиони во 2014 година. Во 2015. се исплатени 40 милиони, во 2016 и 2017 по околу 104 милиони денари, во 2018 година износот е 43,8 милиони, во 2019 година 66,5 милиони. Во 2020 износот на исплатени средства за субвенционирани летови е 21 милион денари, во 2021 година 10,4 милиони, а годинава не се исплатени средства. Договорот беше суспендиран во период додека траеше короната, поради што во 2020 и 2021 се исплаќаа средства за остварени приходи од 2019 година.

Последниот договор заврши во март годинава, а претходно поради пандемијата согласно со првичниот договор беше донесена одлука да не се исплаќаат субвенции бидејќи тоа во договорот беше предвидено ако во случај се донесат мерки за ограничување од некоја од двете држави каде оперира компанијата. Бидејќи последниот договор истече во март годинава подготвуваме нов повик на кој што очекуваме голема заинтересираност. Авиосообраќајот се враќа на старите патеки, веќе ова лето се надмина бројот на летови од нашите аеродроми во однос на 2019 година и очекуваме доколку продолжи овој интензитет да се доближиме до оваа рекордна година и наредната година да имаме уште поголем број патници. Истовремено, Скопскиот и Охридскиот аеродром да останат на врвот на аеродроми во нивната категорија.

Дали се планира зголемување на износот на финансиската поддршка во однос на претходните години?

Финансиската поддршка ќе биде генерално во рамки на буџетот од претходните години со тоа што сега ќе се базираме на малку поинакви критериуми, како што веќе напоменав: нови дестинации, оперирање на главните аеродроми што досега сме ги немале како можност од државава, од Скопје и од Охрид, за да на крајот добиеме конечен бенефит со нови дестинации за граѓаните. Сега имаме над 35 дестинации, а со овој повик очекувам овој број да се зголеми и да отвориме врати за нашите граѓани да не мора да патуваат од соседните аеродроми, туку до најголем дел од дестинациите да стасуваат од нашите аеродроми.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2022 09:58